17 јули 2025

Превентивни активности на СВР Штип за побезбеден сообраќај

 Денеска (17.07.) во рамки на постојаните превентивни активности на подрачјето на надлежност на Секторот за внатрешни работи Штип беа реализирани три превентивни активности од областа на сообраќајната безбедност во Штип. Свети Николе и Кочани. 

Така, полициски службеници од ПС БПС Штип во централното градско подрачје под мотото „Вози одморен“ ги информираа возачите дека заморот е една од главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди во овој период и дека одморот и правилното управување со моторното возило се клучен фактор за безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Во рамки на активноста на возачите им беа поделени летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со РСБСП. 

И полициските службеници при ОВР Свети Николе на локации на улиците „Филип Втори“ и „Маршал Тито“ спроведоа активност на истата тема – „Вози одморен“, додека пак полициски службеници од ПО за БПС Кочани во централното градско подрачје на Кочани на темата - ,,Не користи мобилен телефон додека возиш“. 

Во непосредна комуникација со возачите на моторни возила им беше укажувано дека употребата на мобилните телефони додека се управува возило е ризично, опасно, и секако спротивно од одредбите на ЗБСП. Полициските службеници нагласија дека како возачи треба да се воздржиме од користење на мобилен телефон бидејќи секој повик може да почека, а секое невнимание при пишување порака или разговор на мобилен телефон може да предизвика сообраќајна незгода. За време на превентивната активност, исто така, беа делени едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП.