17 јули 2025

Превентивни активности на СВР Велес за заштита од пожари и бесправна сеча

 Денеска (17.07.)  полициски службеници од Отсекoт за превенција при СВР Велес,  од Полициската станица Велес и од Полициското одделение Чашка, во селата Горно Јаболчиште и Долно Јаболчиште, општина Чашка, реализираа превентивно едукативни активности, под  мотото „Пламените јазици се незапирливи“ и „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари и бесправни сечи“. 

Во рамки на активностите, на месното население му беше посочено дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и сл. со цел брза и навремена реакција, односно заштита и намалување на ризикот од настанување на шумски и пожари на отворен простор. Исто така беше нагласена потребата од внимателно извршување земјоделски работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева  и смет на ниви. Воедно, полициските службеници ги потсетуваа граѓаните за целосната забрана за движење во шуми, што стапи на сила на 01.07.2025 година и ќе трае до 31.08.2025 година, како и за законските одредби и санкции, особено во поглед на законскaта регулатива што ги опфаќа пожарите и бесправната сеча на дрва. 

Полициските службеници ја искористија можноста да апелираат и да ги потсетат граѓаните на опасностите и штетните последици од недозволеното испалување на пиротехнички средства, односно за опасноста од неовластено пукање со огнено оружје, како и законските  импликации со кои може да се соочат поради непочитување на законските прописи. Полициските службеници поделија и едукативни печатени материјали со информативни содржини.