11 јули 2025

Превентивна активност на СВР Струмица за заштита од пожари

Во просториите на СВР Струмица, полициски службеници од СВР Струмица вчера (10.07.) во рамки на кампањата за заштита од пожари одржаа работен состанок со претставници на надлежни локални институции за превенција и заштита од пожари. 

На состанокот присуствуваа полициски службеници од Одделението за полиција, Одделението за криминалистичка полиција и Отсекот за превенција при СВР Струмица и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, ТППЕ Струмица, Општина Струмица-општински инспекторат  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство-државен инспекторат за земјоделство, ПШС Беласица, Црвен крст Струмица, Доброволното противпожарно друштво, и од Шумската полиција. 

На состанокот од страна на присутните беше презентирана досегашната состојба со пожари на подрачје на општините Струмица, преземените мерки, како и планираните активности кои треба да се преземат во следниот период. 

Исто така, меѓу другото, беше потенцирана важноста на меѓуинституционалната соработка на сите релевантни чинители, со точно дефинирање на нивните надлежности. Воедно беше нагласена потребата од интензивирање на превентивните активности, со цел информирање на граѓаните за целосната забрана за движење во шуми во периодот од 01.07.2025 до 31.08.2025 година, како и за опасностите и штетите кои може да ги предизвикаат пожарите. 

СВР Струмица апелира до граѓаните совесно и одговорно да се однесуваат во природа, со цел максимално да придонесат да се спречат пожари, но и навремено да пријавуваат доколку се забележи пожар на одреден простор.