11 јули 2025

Превентивни активности на СВР Штип за заштита од пожари  

 Денеска (11.07.) од страна на полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Пробиштип при СВР Штип, реализирана е превентивна активност во делот на заштитата од пожари, како и за незаконската сеча на дрва и забрана за движење во шума. Активноста беше спроведена во селата Злетово, Јамиште, Кундино, Гризилевци, Неокази, Петршино, Пуздерци, Куково и на регионалниот пат Р 2232 кон брана „Кнежево“, а под мотото „Заштита на шумите од пожари“. 

Меѓу другото, полициските службеници укажуваа за потенцијалните ризици и за опасностите по животот на луѓето, како и за штетите што можат да настанат во  природата, а во контекст на основната цел на проектот за подигање на безбедносната култура кај граѓаните, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. 

Во разговори со граѓаните, им беше укажано на законската регулатива која го опфаќа делото пожар, односно „предизвикување општа опасност“, регулирано во Кривичниот законик на РСМ, согласно член 288, со што се предвидува казна затвор од 6 месеци до 5 години. Исто така, беше посочена  и законската регулатива за непочитување на забраната за движење во шумите и шумските појаси, според која доколку физички лица се затекнати да се движат по шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, предвидена е глоба од 1500 – 2000 евра во денарска противвредност. 

На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, со информативна содржина, изработен во соработка со  ЈП „Национални шуми“, а насочен кон подигнување на свеста за превенција од пожари на отворено и незаконската сеча на дрва.