08 јули 2025

Превентивни активности на СВР Штип за безбеден сообраќај и заштита од пожари и имотни деликти

Денеска (08.07) во Штип, Делчево, Свети Николе, Берово и Кочани, полициски службеници од СВР Штип спроведоа превентивно - едукативни активности од областа на сообраќајот, како и заштитата од пожари и имотни деликти.
Целта на активностите беше да се подигне степенот на безбедносна култура, притоа потенцирајќи им на возачите дека е неопходна максимална внимателност за да се зголеми нивото на безбедност во сообраќајот. Посебен акцент на денешните активности беше ставен на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Воедно, на граѓаните им беше посочено дека управувањето на моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано, а законските санкции во такви случаи ќе бидат доследно и неселективно применувани. Во рамки на активностите, беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во рамки на превентивните активности за спречување на шумските пожари, на граѓаните им беше укажано за опасноста од несовесно фрлање и палење ѓубре, палење меѓи од ниви, стрништа со сува трева, фрлање отпушоци и друг вид запаливи материјали на отворен простор и во близина на шумски појаси, а беа информирани и за забраната за движење во шумски предели, за да се намали ризикот од појава на пожари на отворен простор. Во делот за заштита од имотни деликти, на граѓаните, особено оние од повозрасните категории, им беше појаснето како да се заштитат од сторителите на овие кривични дела, а им беа поделени и летоци со едукативна содржина.