Денеска (04.07) во Штип, Кочани, Берово и Свети Николе полициски службеници од Полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Берово, Свети Николе, Штип и Кочани, спроведоа превентивно - едукативни активности во рамки на кампањите „Не користи мобилен телефон додека возиш“, „Не конзумирај алкохол ако возиш“, „Стави појас“ и „Вози безбедно- Стави кацига“.
На учесниците во сообраќајот преку директна комуникација им беше укажувано на големиот ризик и последиците кои можат да настанат доколку се користи мобилен телефон додека се управува моторно возило. Посебен акцент беше ставен на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Возачите и сопатниците во возилата беа потсетени дека обврската за користење на сигурносен појас е пред се за нивна лична безбедност и дека тој безбедносен стандард значително влијае за тоа какви ќе бидат последиците од евентуалните сообраќајни незгоди. На велосипедистите, мотоциклистите и возачите на електрични тротинети им беше укажано за важноста за носење на кацига, со цел да се избегнат посериозни повреди при евентуална сообраќајна незгода и дека носењето на кацига може да им го спаси животот. Воедно, беа поделени и летоци со едукативна содржина, обезбедени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.