02 јули 2025

Превентивни активности на СВР Велес за безбеден сообраќај и заштита од пожари

Денеска (02.07.2025) полициските службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, на автопатот Велес-Градско, реализираа превентивна активност во рамки на кампањата „Вози одморен“. На возачите во непосредна комуникација им беше укажувано за важноста да бидат одморени кога управуваат возило, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се чести причини за предизвикување на сообраќајни незгоди, особено во летниот период, кога возачите минуваат и по стотици километри на пат кон туристичките дестинации. Во овој период,  зголемен е и бројот на туристи кои транзитираат низ земјава и минуваат токму по оваа делница. Со оваа активност уште еднаш беше потенцирана потребата за подигнување на сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот на патиштата, преку почитување на сообраќајните прописи и одговорно однесување, правење почести паузи, а со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. На возачите им беше поделен и едукативен печатен материјал, изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. 

Исто така, полициски службеници од ОВР Неготино заедно со претставници од Шумска полиција и ЈП „Национални шуми“ – Демир Капија, на подрачјето на општина Неготино, во селата Црвени Брегови, Курија, Пепелиште и Дуброво, спроведоа превентивни активности во рамки на кампањата за спречување на шумските пожари. 

На граѓаните им беше укажано за опасноста од несовесно фрлање и палење ѓубре, палење меѓи од ниви, стрништа со сува трева, фрлање отпушоци и друг вид запаливи материјали на отворен простор и во близина на шумски појаси, а беа информирани и за забраната за движење во шумски предели, за да се намали ризикот од појава на пожари на отворен простор. Целта на активноста е да се зголеми безбедносната култура, но и да се зајакне довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните, како и навремено пријавување на било какви појави на несовесно однесување. Во рамки на активноста беше поделен и печатен материјал.