Полициски службеници од Полициската станица за безбедност во сообраќајот при СВР Битола денеска (01.07) во централното градско подрачје во Битола реализираа превентивна активност „Безбедно во сообраќајот“.
Во непосредна комуникација со возачите, а особено со мотоциклистите, им беше потенцирано да ја прилагодат брзината според прописите, затоа што неприлагодената брзина е најчеста причина за сообраќајни несреќи со потешки последици. Мотоциклистите беа потсетени на обврската за задолжително носење на заштитен шлем, а возачите на патнички возила за потребата од користење на сигурносен појас во возилата, за штетноста од користење на мобилен телефон, но и за доследно почитување на сите правила и прописи.
За време на активноста, на граѓаните им беше поделен и едукативен печатен материјал, изработен од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Вчера (30.06.2025) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола реализираа превентивна активност за заштита од пожари, како и за безбеден сообраќај. Исто така и полициски службеници од останатите полициски станици од ОВР Крушево, Прилеп, Ресен, Македонски Брод и Демир Хисар организираа активности на кои им даваа корисни совети на граѓаните како безбедно да стигнат до својата дестинација, но и како да придонесат да се заштитиме од пожари. Им беше појаснето дека во летниот период, со зголемените температури, расте и опасноста од предизвикување на пожари од невнимание и дека е забрането палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и сл..
Доколку пак забележат дека настанал пожар, навремено да ги информирааат надлежните институции, со цел тие навремено да интервенираат и да се спречат поголеми штети. Граѓаните беа запознаени и дека од 1 јули до 31 август стапува на сила целосната забрана за движење во шуми, освен со дозвола од ЈП „Национални шуми“.