27 јуни 2025

Превентивни активности на СВР Штип за безбеден сообраќај и заштита од имотни деликти

 

Денеска (27.06.2025) на повеќе локации во Штип, од страна на полициски службеници од ПС за БПС Штип беше реализирана превентивната активност „Не управувај возило под дејство на алкохол“. Целта на активноста беше да се подигне свеста на граѓаните, притоа потенцирајќи им на возачите дека е неопходна максимална внимателност за да се зголеми нивото на безбедност во сообраќајот. Посебен акцент на денешната активност беше ставен на тоа да им се укаже на возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува психомоторните способности на возачите и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Воедно, на граѓаните им беше посочено дека управувањето на моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано, а законските санкции во такви случаи ќе бидат доследно и неселективно применувани. Во рамки на активноста беше поделен печатен едукативен материјал, изработен од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Исто така денеска, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип, на повеќе локации во Штип реализираа превентивна активност посветена на превенцијата од имотни деликти, со акцент на превенција од џебни кражби и провални кражби. Активноста беше реализирана преку непосредни средби со граѓани, особено оние од повозрасните категории, на коишто им беше укажувано и појаснето како да се заштитат од сторителите на овие кривични дела. На граѓаните им беа поделени и летоци со едукативна содржина.