Денеска (27.06.2025) на повеќе локации во Куманово, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово, ПС Куманово и Општинскиот совет за превенција на детско престапништво при општина Куманово реализираа превентивни активности за заштита од пожари, како и за безбеден сообраќај.
На граѓаните им беше појаснето дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и сл. со цел брза и навремена реакција. Во летниот период, со зголемените температури, расте и опасноста од предизвикување на пожари од невнимание. Затоа, беше посочена потребата од заштита и намалување на ризикот од настанување на шумски пожари и пожари на отворен простор, како и внимателно извршување земјоделски работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви.
При активностите за зголемување на безбедноста на сообраќајот пак, на граѓаните им беше укажана потребата и обврската за почитување на сообраќајните правила. Беше потенцирано дека возилата треба прописно да се паркираат за да не се загрозуваат другите учесници во сообраќајот, особено пешаците. На граѓаните им беа поделени и едукативни материјали со препораки за безбедно учество во сообраќајот, изработени од Општинскиот совет за превенција на детско престапништво при општина Куманово.