25 јуни 2025

Превентивни активности на СВР Штип за заштита од пожари и за безбеден сообраќај

 Полициски службеници од ОВР Свети Николе, во соработка со ЈП „Национални шуми“, во селата Ерџелија, Пеширово, Амзабегово и Црнилиште, денеска (25.06.) спроведоа превентивни активности во рамки на кампањата за спречување на шумските пожари и бесправната сеча на дрва. Притоа, во рамки на активностите, во разговор со граѓаните беше потенцирано дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување, како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и слично, со цел брза и навремена реакција на институциите. Беше нагласено дека во период на зголемени температури, расте и опасноста од предизвикување на пожари од невнимание.

Затоа, беше посочена потребата од заштита и намалување на ризикот од настанување на шумски пожари и пожари на отворен простор, како и внимателно извршување земјоделски работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви. Покрај тоа, граѓаните беа информирани и за законските одредби и санкции, особено во поглед на законскaта регулатива која ги опфаќа пожарите и бесправната сеча на дрва. Воедно на граѓаните им беа делени и информативни летоци.


Исто така, денеска (25.06.2025), полициски службеници од ОВР Пробиштип и ОВР Делчево во Пробиштип и Делчево реализираа превентивни активности со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. Во Пробиштип активностите беа насочени кон безбедноста на пешаците и правилното паркирање. Пешаците како активни учесници во сообраќајот  имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и улицата треба да ја преминуваат единствено на обележан пешачки премин, при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони, да бидат внимателни, особено во вечерните часови кога се движат на неосветлени локации. Со почитување на препораките, пешаците ќе ја зголемат како својата, така и безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. Во рамки на превентивната активност беа опфатени и возачите, на кои им беше укажана потребата и обврската за почитување на сообраќајните правила, клучните фактори за безбедноста на најранливата категорија на учесници во сообраќајот-пешаците и особено повозрасните лица, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.На граѓаните им беа поделени и печатени едукативни материјали со препораки за безбедно учество во сообраќајот и зголемена будност и внимателност при преминувањето на улица од страна на пешаците, изработени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.


Во Делчево пак, активностите беа насочени кон зголемување на свеста за користење на сигурносниот појас, како од возачите, така и од сопатниците. Исто така, на учесниците во сообраќајот им беше потенцирано дека не смеат да управуваат возило доколку претходно консумирале алкохол, затоа што така ја загрозуваат и својата, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.