Вчера (19.06.2025), полициски службеници од ОВР Кавадарци, заедно со сообраќаен инспектор од локална самоуправа Кавадарци, на подрачјето на Кавадарци реализираа сообраќајно-воспитна акција под мото „биди одговорен, вози технички исправен и светлосно означен трактор“.
Активноста беше насочена кон возачите на земјоделска механизација-трактори и приклучна механизација, преку која на возачите им беше укажувано за доследно почитување на законските одредби, при што беше нагласено дека пред да се вклучат во сообраќај неопходно е да ги доведат своите возила во исправна техничка состојба, особено во поглед на светлосната сигнализација, како и уредите за управување и кочење.
Целта на овие превентивни активности беше насочена кон подигање на безбедносната свест и на оваа категорија учесници во сообраќајот. Со оглед на отпочнатиот период на жетва, а со тоа и зголеменото учество во сообраќај на земјоделската механизација, од особен интерес е превенција на причините за случувањето на сообраќајни незгоди во кои учесници се овој вид возила, а кои најчесто се резултат на техничките недостатоци.
Притоа, беше поделен и печатен материјал со едукативни препораки, со цел подигнување на свеста за безбедност и намалување на ризикот од сообраќајни незгоди.