30 мај 2025

Превентивна активност на СВР Велес за заштита од компјутерски криминал

 Денеска (30.05.) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес,  од Отсекот за компјутерски криминал при СВР Велес, како и од Полициската канцеларија Демир Капија, во Домот на култура во Демир Капија, спроведоа едукативна активност за превенција од кривични дела од областа на компјутерскиот криминал  „Компјутерска измама“, „Злоупотреба на лични податоци“, и „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. 

Целта на активноста беше да се информираат граѓаните за овие видови на кривични дела и да се едуцираат како да се заштитат од ваков тип на криминал. 

Целна група беа повозрасните лица кои се полесна мета на измами и се недоволно упатени во функционирањето на социјалните мрежи и начините на плаќање, на кои преку примери им се појаснуваше за формите на овие видови на измами. На граѓаните им беше укажано да не инсталираат апликации со кои им овозможуваат на измамниците далечински пристап во нивните мобилни телефони и електронско банкарство, а беа предупредени и за случаи на добивање лажни смс пораки, со кои се повикуваат да платат извесен износ парични средства, за одреден продукт, добивка на парични средства и добивки на крипто валути, а всушност се предмет на кражба на податоци од нивните платежни картички. Воедно, им беше посечно да бидат внимателни при комуникација со непознати лица, со оглед на можноста да бидат жртви на измами со изнудување парични средства за наводна набавка на  огревни дрва, откуп на железо, известувања за лажни сообраќајни несреќи, понуди за купопродажба на возила или недвижнини и сл. 

Исто така детално им беа објаснети начините и постапките кои треба да ги преземат со цел да се заштитат од сторителите на вакви кривични дела. Воедно на пензионерите им беше поделен и материјал со едукативна содржина.