Денеска (23.05.), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола во Битола во соработка со Здружението „Сумнал“ од Битола реализираа превентивна работилница на тема - „Превенција од малолетнички бракови“ како и на темата - „Заштита од родово и семејно насилство“.
Работилницата која што беше одржана во хотелот „Милениум“ во Битола имаше за цел да се подигне свеста за рано стапување во брак и малолетнички бракови, особено кај Ромската млада популација, потоа за ризиците кои доаѓаат од рано влегување во брачната институција како и подигнување на свеста за поголема едукација кај ранливите категории граѓани и помеѓу етничките заедници.
Целта на активноста, исто така беше насочена кон подигнување на свеста кај граѓаните кон овие крајно девијантни појави, препознавање на формите на родово и семејно насилство, и информирање за надлежностите на полицијата мерките што се преземаат за заштита на жртвите од овие видови кривични дела.
Инаку, вчера Отсекот за превенција при СВР Битола и Полициската станица за безбедност на сообраќајот од СВР Битола реализираа и едукативна активност – „Безбедност во сообраќајот“ за децата од детската градинка „Колибри“ во Битола.
Преку едукативно предавање, децата од предучилишна возраст се запознаа со важноста на професијата полициски службеник и кое е нејзиното значење за безбедноста на граѓаните. Во рамки на оваа активност на децата им беа презентирани и дел од опремата и возилата што полициските службеници ги користат за извршување на секојдневните задачи како и основнит сообраќајни правила и прописи при преминување на пешачки премин и крстосница.