Денеска (23.05.) полициски службеници од Отсекот за превенција и од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес на неколку локации во Велес реализираа сообраќајна превентивна активност под мотото - „Алкохолот и воланот не се добар пар“.
Целта на активноста беше да се подигне свеста на граѓаните и степенот на безбедносна култура, притоа потенцирајќи им на возачите дека е неопходна максимална внимателност за да се зголеми нивото на безбедност во сообраќајот.
Посебен акцент на денешната активност беше ставен на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Периодот на матурски прослави дополнително ја зголемува потребата за овој вид на превентивни активности, за да им се укаже на младите возачи дека треба да бидат одговорни учесници во сообраќајот.
Воедно, на граѓаните им беше посочено дека управувањето на моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано, а законските санкции во такви случаи ќе бидат доследно и неселективно применувани.
Во рамки на активноста беше поделен печатен едукативен материјал изработен од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.