01 мај 2025

Превентивни активности на СВР Скопје за побезбеден сообраќај и спречување на насилство во училиштата

 

Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП и полициски службеници од ПО Петровец, вчера (30.04.) спроведоа превентивни активности од областа на безбедноста во сообраќајот, а насочени кон задолжителното користење сигурносен појас и штетноста од употреба на мобилен телефон при возење. Под мотото „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Стави појас“, едукативната активност беше реализирана на наплатната рампа Петровец. Исто така, и на подрачјето на ПСОН Бит Пазар, поточно на улицата „Цветан Димов“ беше реализирана активност под мотото „И јас и ти сме пешаци“. Полициските службеници ги потсетуваа и апелираа до граѓаните учесници во сообраќајот за стриктно почитување на сообраќајните правила и прописи, а воедно беа делени и едукативни летоци изработени со поддршка од РСБСП.

Инаку, и завчера од страна на полициски службеници од ПСОН Центар беше реализирана едукативна работилница на тема „Насилство“ со учениците од училишниот Клуб за превенција во основното училиште „Димитар Миладинов“. Учениците преку наменска видео презентација беа запознати со темата и начините како да се превенира оваа девијантна појава.