30 април 2025

Превентивни активности на СВР Штип

Полициски службеници од Отсекот за превенција од СВР Штип, денеска (30.04.), одржаа едукативни предавања на темите поврзани со зависност од алкохол и цигари со учениците од осмо и деветто одделение од Основното општинско училиште „Тошо Арсов“ од Штип. Притоа, на учениците им беа презентирани сите суштински информации околу ризиците од користење и употребата на никотинот и алкохолот и како ваквите појави да се препознаат и навремено да се превенираат во интерес на заштита на децата.
Исто така, денеска и полициски службеници од ОВР Пробиштип во соработка со Црвениот крст Пробиштип, службата на Итна медицинска помош при ЈЗУ „Нада Михајлова” и Територијалната противпожарна единица Пробиштип, во Средното општинско училиште „Наум Наумовски Борче” во Пробиштип, за учениците од ова училиште спроведоа симулациска вежба на тема: „Начин на однесување во кризни ситуации“. Вежбата беше спроведена со цел учениците да се запознаат со начините и протоколите на однесување во кризни ситуации, потоа за начините на евакуација во случај на пожар, совладување на паниката и безбедно и организирано евакуирање од училиштето во претпоставена ситуација.
Покрај ова, и во Кочани (во централното градско подрачје) од страна на полициски службеници од ПО за БПС Кочани беше реализирана превентивна активност под мотото „Не пиј кога возиш“ со цел да се подигне свеста кај граѓаните за почитување на законските одредби и сообраќајните правила. На возачите им беше поделен и едукативен материјал-летоци изработени во соработка со РСБСП.
Инаку вчера (29.04.) во Спортската сала „Сашо Лазарев-Чапо“, во Кочани, во организација на општина Кочани се одржа трибина на тема: „Безбедноста на прво место“, посветена на учесниците во сообраќај кои што користат велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли. На трибината учествуваа и претставници на МВР, како и родители и ученици од средните училишта и од деветтите одделенија од училиштата во Кочани, со цел зголемување на безбедноста на нашите деца во сообраќајот.
Од страна на полициските службеници на трибината беа презентирани законските одредби и обврски при управување со велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли. Воедно беа презентирани и низа статистички податоци за состојбата во сообраќајот, за сообраќајните незгоди, жртвите и мерките за превенција што се спроведуваат со цел совесно и одговорно учество во сообраќајот.