22 април 2025

„Не користи мобилен телефон додека возиш“, превентивна активност на ПО за БПС Кочани

Денеска (22.04.) полициски службеници од ПО за БПС Кочани во централното градско подрачје на Кочани спроведоа превентивна активност под мотото – „Не користи мобилен телефон додека возиш“.

Во непосредна комуникација, на возачите на моторни возила им беше укажано дека употребата на мобилен телефон додека се управува возилото е ризично, опасно и спротивно на законот. Не постои разговор на мобилен телефон чија важност може да се спореди со пристигнување безбедно на посакуваната дестинација. На возачите им беше укажано дека доколку имаат важен разговор возилото треба да се запре на безбедно место, без да има опасност и ризик и за другите учесници во сообраќајот и да се разговара. Како возачи треба да се воздржиме од користење на мобилен телефон бидејќи секој повик може да почека, а секое невнимание при пишување порака или разговор на мобилен телефон може да предизвика сообраќајна незгода.