18 април 2025

Спроведени повеќе превентивни активности на подрачјето на СВР Битола

 

Вчера (17.04) на повеќе локации на подрачјето на Ресен, полициски службеници од ОВР Ресен реализираа превентивни активности од областа на сообраќајот.

Целта на активностите беше да им се укаже на пешаците, но и на возачите за потребата од доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Воедно, преку делење на летоци, изработени во соработка со РСБСП, на пешаците им беше укажано како правилно да се движат, да поминуваат улица само на обележан пешачки премин, да внимаваат на возилата кои наидуваат и слично, а на возачите им беше укажано кога наидуваат на пешачки премини секогаш да возат одговорно, да ја намалат брзината или да застанат со возилото.

И полициски службеници од ОВР Крушево под мото „Волан и алкохол-најлоша комбинација“, на излезите од Крушево реализираа превентивна активност насочени кон возачите на моторни возила со низа препораки за безбедно управување на моторното возило и почитување на сообраќајните прописи. ОВР Крушево, исто така, во текот на вчерашниот ден реализира превентивна активност за побезбеден сообраќај под мото „Не користи мобилен телефон кога возиш“.

Покрај ова, полициски службеници од СВР Битола и Полициското одделение Ропотово вчера имаа работна средба со претставници од земјоделски здруженија и жители на с.Ропотово, општина Долнени. Притоа, беше разговарано за одржување на поволна безбедносна состојба на подрачјето на с.Ропотово и околните населени места со акцент на правилна употреба на земјоделската механизација на патиштата.