16 април 2025

Превентивни активности на СВР Велес за побезбеден сообраќај и заштита од измами

 Денеска (16.04.2025) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, заедно со полициски службеници од ОВР Неготино  во Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Неготино, за учениците од седмо до деветто одделение, реализираа едукативни предавања на тема „Последици од болести на зависности“. Целта на превентивно- едукативната активност беше информирање на младите за штетноста по здравјето од користењето наркотици, формите и манифестацијата на зависноста, агресивното и асоцијалното однесување како последица од користење на наркотици, како и другите негативни влијанија кои ги има дрогата врз развојот на младата личност. Учениците беа запознаени и со штетните последици од други болести на зависности како што се алкохолот, цигарите, а воедно им беше укажувано на внимателност при користење на социјалните мрежи, односно неприфаќање на било какви постирани предизвици, кои може да им наштетат на младата категорија на граѓани.

Исто така,  заедно со полициски службеници од Отсекот за компјутерски криминал при СВР Велес, во пензионерскиот дом во Неготино, беше спроведена и едукативна активност за превенција од кривични дела од областа на компјутерски криминал  „Компјутерска измама“, „Злоупотреба на лични податоци“ и „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, каде целта беше да се информираат граѓаните за овие видови на кривични дела и да се едуцираат како да се заштитат од нив.

Во текот на денот, на подрачјето на Велес и на Кавадарци, беа реализирани и превентивни активности од областа на сообраќајот. На неколку локации во Велес, заедно со полициски службеници од ПС за БПС Велес беше реализирана превентивно – едукативна активност под мотото „Вози одговорно – животот е во твои раце“, при што на возачите  им беше потенцирано за обврските и потребите од почитување на сообраќајните правила и прописи, укажувајќи им дека се должни внимателно да управуваат со своите возила, да ја прилагодат брзината на движење, да користат сигурносен појас, да не возат под дејство на алкохол, да не употребуваат мобилен телефон... Во Кавадарци пак, заедно со ПО за БПС и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, беше реализирана едукативна активност под мотото „Не заборавајте сите сме пешаци, бидете одговорни во сообраќајот“. На граѓаните им беше потенцирана потребата од почитување на сообраќајните правила, а им беше поделен и печатен едукативен  материјал со совети за поголема безбедност, изработен од РСБСП.