Денеска (09.04.) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица и Полициската станица Струмица во село Куклиш, струмичко, спроведоа превентивна активност во рамки на кампањата „Вози одговорно“.
Преку делење на летоци со едукативна содржина полициските службеници им укажуваа на возачите на моторни возила на правилата за безбедно и одговорно возење, односно да не консумираат алкохол доколку седнуваат зад волан, да ја прилагодат брзината на движење кон поставената сообраќајна сигнализација и условите и состојбата на патот, прописно да се паркираат и да не користат мобилен телефон додека управуваат моторно возило.
Исто така и на возачите на земјоделски машини им беше укажано тракторите кои ги управуваат да бидат технички исправни и со исправни светлосни уреди, а се со цел нивна безбедност и безбедност на останатите учесници во сообраќајот.