Нов адвокат од Хелсиншки комитет бесплатно ќе го брани Виктор Карамарков, кој кривичниот суд го гони под обвиненија за серијата убиства на пет повозрасни скопјанки, како и за обид за убиство на други две. Адвокатот Сашко Дукоски ја презеде одбраната на таканаречениот скопски „Раскољников“ по одлука на Хелсиншкиот комитет, откако првиот адвокат на Карамарков, доделен по службена должност, се откажа од случајот уште пред почеток на судењето поради, како што тој тврдеше, притисок од судот. Дукоски вчера се појави во Основен суд Скопје 1, на второто продолжение од главниот претрес на судењето на Карамарков, по што побара негово одложување, се со цел, како што рече, подобро да ја подготви одбраната.
Од Хелсиншкиот комитет, од каде што се заинтересираа да го следат случајот со третиот обвинет сериски убиец во Македонија, ја потврдија информацијата. - Адвокатот Дукоски бесплатно ќе го застапува Карамарков, а од Комитетот веќе имаме и назначено и човек што ќе го следи целиот процес и ќе не информира за се што се случува - велат од Хелсиншкиот комитет. Оттаму не сакаа да коментираат зошто се заинтересирале за случајот, па не упатија на мобилниот телефон на новиот бранител на обвинетиот. Дукоски, сепак, поради презафатеност со ангажманот во случајот „Пепел“ вчера не беше во можност да објасни во која насока ќе се движи одбраната и зошто го прифатил случајот.
Пред самиот почеток од судењето на Карамарков, кое се одржа на први март годинава, од одбраната се откажа првиот адвокат Зоран Трајковски, кој судот го обезбеди по службена должност. Божем, тогаш судот врз него вршел притисоци за прифаќање на неговата одбрана за обвинетиот „Раскољников“. Според извори за „Време“, за судот одбраната на Трајковски би била само формалност бидејќи, како што дознаваме, на Карамарков веќе однапред му било пресудено. Дали ова било дополнителен мотив за Хелсиншкиот комитет да се ангажира на случајот вчера не добивме одговор ниту од Комитетот, ниту од новиот бранител. Надворешниот соработник од правната служба при Комитетот, Ана Стојковиќ е задолжена да го набљудува судењето на обвинетото момче за сериски убиства. Продолжението на судењето е закажано за 31 март, кога, најверојатно, Карамарков и Дукоски ќе се појават во скопскиот кривичен суд со подготвена одбрана. На првиот главен претрес Карамарков тврдеше дека не се сеќава на убиствата, кои, според обвиненијата, му ги предочуваше судијата. Му беа покажувани и фотографии од куќите каде што биле извршени убиствата на петте скопјанки, но обвинетиот единствено што не негираше е дека собирал пари со книшката, со цел да се дрогира и дека бил зависник уште од тинејџерските години. Според обвинението, сите убиства ги извршил со секира завиткана во најлон, а жртвите биле возрасни жени. Залажувајќи ги со здравствена книшка дека божем бара пари за операција на својата мајка, го користел нивното невнимание и ги удирал со секирата по глава и им го земал златниот накит што го носеле на себе. Не претресувал по нивните домови, ја заклучувал влезната врата однадвор и си заминувал. Големата полициска истрага почнала веднаш по првото убиство, на 83-годишната Христовска во Бутел, под кодното име „Раскољников“ и во нејзиниот тек биле испрашани повеќе од 200 лица. Се до последното убиство, според полицијата, немало траги што укажувале на сериски убиец, но тогаш се појавиле неколку материјални докази, а разговарале и со четворица сведоци, кои дале опис на сомнителното момче. Полицијата, сепак, не била 100 проценти сигурна дека зад грозните убиства стои Карамарков.