Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

09.03.2010 Утрински весник
Затворски казни за 16-мина полицајци од преминот Ќафасан

Затворски казни за 16-мина полицајци од преминот Ќафасан

Највисоката казна што ја изрече судот е две години, а најголемиот дел од обвинетите добија казни по седум месеци

По точно шест месеци од приведувањето и три месеци од започнувањето на судската постапка во скопскиот Кривичен суд вчера беа изречени пресудите на шеснаесетмина полицајци вработени на граничниот премин Ќафасан кај Струга, обвинети за злосторничко здружување и за примање поткуп.

При изрекувањето на пресудата Судскиот совет, со кој претседаваше судијата Горан Бошевски, на некои од обвинетите им го симна од товар кривичното дело злосторничко здружување, а некои, пак, беа ослободени од обвинувањата за примање поткуп.

Согласно со пресудата на Основниот суд Скопје 1, највисока казна му беше изречена на раководителот на смена и првообвинет Дритан Ајро. Нему за двете дела му беше изречена единствена казна во траење од две години и еден месец. На една година затвор судот го осуди обвинетиот Ристо Јанков, а иста казна добија Бекир Каба, кого судот го ослободи за една точка од обвинението, Аџи Ајази и Миливој Ангелески. На казна од една година и еден месеци е осуден Борче Тодоровски, а два месеца повеќе доби обвинетата Оливера Верушевска. На 18 месеци затвор судот го осуди обвинетиот Артан Положани, а два месеца повеќе доби полицаецот Муса Куштрим. По седум месеци затвор судот им изрече на обвинетите Олег Ќабасоски, Беса Жута, Беким Махмуди, Дарко Влаќески, Благојче Ризманоски, Будимир Коцев и Ристо Буклиоски. Освен ефективните казни судот нареди одземање на средствата што се предмет на кривичното дело.

По прашањето на укинувањето на мерката притвор, застапникот на обвинението даде позитивно мислење, кое беше прифатено не само од обвинетите и нивните бранители туку и од судот. Осудените до правосилноста на пресудата ќе можат да се бранат од слобода откако на дури 14-мина од нив уште на почетокот на септември минатата година им беше одредена мерката притвор.

Следењето на вработените на Ќафасан, според МВР, траело подолго време, а заради обезбедување докази бил обезбеден и заштитен сведок, кој само требаше да ги потврди наводите на полицијата дека на граничниот премин се работело спротивно на прописите

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk