Од страна на Управниот одбор на Европол на 17-18 ноември 2009 година усвоена е нова Стратегија за Европол за периодот 2010-2014 годинa. Потребата за подготовка на нова Стратегија за Европол се наметна по донесувањето на Одлуката на Советот на ЕУ за воспоставување на Европол како агенција на ЕУ, која стапи на сила на 01.10.2010 година.
Со наведениот документ се исцртува стратешката насока, која што Европол ќе ја следи во наведениот период, согласно новите надлежности и можности. Стратегијата повикува на понатамошен развој на клучните капацитети на Европол, кои се однесуваат на оперативната поддршка, размената на информации и експертизи за органите надлежни за спроведување на законот.
Во Стратегијата се опфатени аспекти, кои се однесуваат на соработката со трети партнери, дефинирани како стратешки цели, со кои Европол прераснува во главен центар на ниво на ЕУ за поддршка на операциите на органите надлежни за спроведување на законот и за прибирање на криминалистички информации на ниво на ЕУ.
Во Стратегијата на Европол се дефинира визијата, мисијата и целта на Европол. Визијата е да се придонесе кон побезбедна Европа преку обезбедување на најдобра можна поддршка на органите надлежни за спроведувањето на законот во Земјите членки на Унијата. Мисијата е Европол, како агенција на ЕУ за спроведување на законот, да дава поддршка на Земјите членки во спречувањето и борбата против сите форми на меѓународен сериозен криминал и тероризам. Со тоа Европол ќе прерасне во модерна и ефикасна организација заснована на интегритет, одговорност, иницијатива, тимска работа и ефективност.
Структурно Стратегијата е поделена на пет поглавја. Првото поглавје ја опишува методологија користена при подготовката на Стратегијата. Второто поглавје е посветено на мисијата и визијата, додека пак третото поглавје се однесува на вредностите и водечките принципи. Повеќегодишните стратешки цели во четвртото поглавје се фундаментални елементи за тоа како е предвидено да се постигне визијата.
Суштината на Стратегијата е сублимирана во последното поглавје, во кое секоја стратешка цел е преточена во стратешки мерки, кои е потребно да бидат преземени за да се реализира истата.
Во Стратегијата дефинирани се 4 стратешки цели:
Европол ќе биде главен центар за поддршка на операциите на органите надлежни за спроведување на законот во земјите членки на ЕУ;
Европол ќе биде главен центар за прибирање на криминалистички информации на ниво на ЕУ;
Зголемување на капацитетите на Европол да прерасне во центар за вршење експертиза на ниво на ЕУ, во корист на органите надлежни за спроведување на законот; и
Европол да прерасне во модерна, ефикасна организација со најдобрите ресурси, ефективно управување и позитивна репутација.
Стратешките цели ќе бидат целосно отсликани и дополнително разработени во годишните работни програми во периодот 2010-2014 година, за секоја календарска година одделно.
Повеќегодишната стратегија треба да претставува врска меѓу мисијата и визијата и годишната работна програма.