Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

03.02.2010 Обраќање на министерката Јанкулоска
Уште еден чекор кон европските полициски стандарди

Нема поголемо задоволство од тоа да ја започнете годината со реализација на проект од есенцијално значење за иднината. Проект за кој сум убедена дека ќе ја зголеми ефикасноста полицијата и ќе воведе нови стандарди кои полициското постапување ќе го поделат на пред и по воведувањето на ТЕТРА комуникацискиот систем.

Доколку видео надзорот се очите, а возилата и личната опрема се нозете и рацете, тогаш радиоврските се нервниот систем на оперативното работење. Со имплементацијата на овој проект македонската полиција се крева на ниво на британската, германската, француската или италијанската полиција во однос на европските телекомуникациски стандарди.

Најважно од се е тоа што полициските службеници на терен добиваат софистицирана, доверлива и безбедна комуникација. Воведувањето на новиот дигитален систем има огромни предности во однос на постоечкиот, аналоген систем. Можеби главната предност е тоа што новиот систем функционира на ниво на целата територија за разлика од стариот кој не работеше во мрежа и овозможуваше да се воспостави разговор само во подрачјето на еден град. Не помалку важна е можноста комуникацијата со новиот систем да се криптира што е огромна предност во однос на досегашниот систем за заштита од неовластено прислушување. Групирањето само на корисниците кои имаат потреба меѓусебно да комуницираат, нивно лоцирање и следење се исто така дел од функциите кои ги овозможува новиот систем.

Денеска ја завршуваме првата фаза со која со дигиталниот сигнал успеавме да покриеме 45% од територијата. Инсталирани се 38 базни станици, диспечерски станици за командување и контрола на единиците на терен, како и над 5000 дигитални станици за возила, за дежурните простории и рачни, што гарантира оперативност на голем број полициски службеници во исто време. Сите базни станици се поврзани меѓусебе и претставуваат единствена мрежа  со централен менаџмент. Поконкретно, во моментов се монтирани мобилни станици во 530 службени возила и статични во уште 125 полициски станици за кои е обезбедено и резервно напојување.

Можностите на дигиталниот систем кој го ставаме во функција ги надминуваат потребите на МВР и претставува основа за градење на глобална, државна телекомуникациска мрежа за сите институции кои имаат потреба да користат специјални системи во извршувањето на работните задачи. Се надевам дека во иднина кон овој систем ќе се приклучат Противпожарните служби, Итната Помош, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Царинската Управа и сите заинтересирани. Сето ова не ќе беше возможно без поддршката на нашите пријатели од ЕУ кои преку КАРДС програмата досега во овој проект финансираа преку 5 милиони евра. Истиот проект продолжува активности за целосно ставање на системот во редовна употреба, но и паралелно работење на втората и третата фаза по кои очекуваме покриеност со 90% на целата територија.

За крај дозволете ми во име на министерството да им се занлагодарам на нашите партнери, а вам да ви посакам успеси при користењето на системот, без разлика дали се работи за секојдневно патролирање, борба против криминалот или обезбедување на објекти и личности.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk