Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

08.02.2010 Обраќање на министерката Јанкулоска во Центарот за обука Идризово
“Управувањето со човечките ресурси предсуслов за успешна работа на секоја организација“

“Стратешкото управување со човековите ресурси е комплексен процес кој е основа за успешно полициско уредување и е прв предуслов за успешна работа на секоја организација. Нашиот императив е создавање професионален персонал, кој ќе напредува во својот развој врз база на своите знаења, капацитети и заслуги“, истакна, меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната промоција на обуката за „Важноста на човечките ресурси за успешна организација со преглед“, што во рамките на проектот ICITAP (Меѓународна програма за помош и обука при вршење на кривични истраги) при амбасадата на САД, ќе се изведува во наредните денови во Центарот за обука во Идризово, каде што триесетина полициски службеници при МВР ќе бидат обучувани од страна на американски експерти.

Министерката Јанкулоска во своето обраќање потенцираше дека особено е важно вработените во МВР да го прифатат значењето на  стратегијата за управување со човечки ресурси, затоа што таа претставува основа за нивното функционирање, почнувајќи од првиот ден на вработувањето, натамошните тренинзи, развој во кариерата па се до нивното пензионирање.

На промоцијата обраќање имаше и американскиот амбасадор во земјава, Филип Рикер, кој од своја страна, нагласувајќи го фактот дека ова е неспорен успех за МВР, ја истакна и исклучително позитивната оценка на минатата година донесениот Закон за внатрешни работи и волјата и решеноста на МВР за првпат да воведе систем на кариера со којшто прецизно се утврдуваат критериумите за напредување и назадување во МВР.  

Во продолжение интегрално го пренесуваме обраќањето на министерката Јанкулоска:

 

“Стратешкото управување со човечките ресурси е комплексен процес кој е основа за успешно полициско уредување, што е прв предуслов за успешна работа. -Во Министерството за внатрешни работи го прифативме предизвикот да воспоставиме систем преку кој во секое време ќе се познаваат и ќе се користат најдобрите перформанси на секој вработен, со финална цел што поуспешна работа на полицијата.

Принципите на рамноправност, отвореност и транспарентност соодветна на потребите на персоналот, се основните вредности по кои се водиме во развојот на човечките ресурси.

Нашиот императив е создавање професионален персонал кој ќе напредува во својот развој врз база на своите знаења, капацитет и заслуги. Преку овој модел се нуди поголема слобода во одлучувањето, самоиницијативност и самостојност, со што очекуваме натамошно подобрување на квалитетот на работата.

Особено е важно вработените да го прифатат  значењето на стратегијата за управување со човечки ресурси, затоа што таа претставува основа за нивното функционирање, почнувајќи од нивното вработување, тренинг, развој во кариерата, па се до пензионирањето.

Според актуелната состојба во Министерството за внатрешни работи, евидентно е дека се достигнати суштинските стандарди и на извршно ниво постои завидна оперативна ефикасност, но секогаш има простор за подобрување и унапредување на системот за човечки ресурси.

Владата на Соединетите Американски Држави преку американската амбасада и Одделот за правда - Меѓународна програма за помош и обука при вршење кривични истраги (ИЦИТАП), почнувајки од денес ќе спроведуваат низа обуки, под наслов "Важноста на човечките ресурси за успешна организација".

Чест ни е што на овие обуки ќе имаме можност да соработуваме со експерти од маршаловата служба од Вашингтон и убедена сум дека докажаното партнерство со Владата на Соединетите американски држави, овојпат преку ангажман на професионалци кои работат на оваа област во значајна мера ќе придонесат за уште подобро развивање на концептот на човечките ресурси.

Почитуван Амбасадоре Рикер, Дозволете ми во име на Министерството за внатрешни работи и во мое лично име уште еднаш да изразам задоволство од досегашната соработка, да Ви заблагодарам Вам и нa Вашите соработници  за досегашниот ангажман со надеж дека заеднички реализираните проекти ќе придонесат кон уште поуспешна работа на министерството за внатрешни работи и јакнење на безбедносниот систем на Република Македонија.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk