Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

15.02.2010 Вечер
ДРОГА ОД ПЕРУ ЗАПЛЕНЕТА ВО СКОПЈЕ

Кај Персида кокаин и брендирана гардероба


Два килограми кокаин-паста со стопостотна чистота и брендирана текстилна стока полицијата заплени завчера во бутик во скопската населба Капиштец. Дрогата е од Перу, а преку Германија стасала во Македонија, на адреса на роднина на Персида-Пепи во Влае


Два килограми кокаин-паста со стопроцентна чистота паднаа во рацете на полицијата во Скопје по акцијата Франкфурт, изведена во содејство со германската полиција. Дрогата, што била скриена во пакет со боја за порцелан од Перу, Јужна Америка, преку Германија, стасала во поштата во Скопје. Оттаму полицијата започнала истрага за пакетот кој требало да стаса до скопјани чија адреса била во Влае. Со акцијата покрај дрогата била запленета брендирана текстилна стока вредна 200 илади евра. Полицијата со пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори на распит кај истражен судија ја предал Персида-Пепи Момировска (39) од Скопје. На Момировска и е одреден 30-дневен привор додека на нејзиниот соучесник Воислав Будисављевиќ (44) од Скопје, му е изречен притвор во отсуство оти тој не е достапен на органите на прогонот.

Според МВР во соработка со германските полициски служби деновиве е пресечен меѓународен канал за криумчарење кокаин од Јужна Америка кон Европа. Во заедничката акција Франкфурт, преку испорака, по воздушен пат биле запленати дрога кокаин-паста 2 килограми и големо количество брендирана текстилна облека.

Од истрагата е утврдено дека Будисављевиќ во почетокот на година, откако претходно отпатувал во главниот град на Перу, во договор со второпријавената, организирал транспорт на дрогата која тој ја набавил во Лима. Кокаин-пастата, спакувана во пакет како поштенска пратка, со боја за порцелан, требало по воздушен пат да пристигне на адреса на роднина на Персида во населбата Влае. Испраќачот ја известил Персида за точниот датум на испраќање на пакетот.

По добиените сознанија за обезбедување докази, кон крајот на јануари годинава, беше спроведена меѓународната операција со примена на посебни истражни мерки, велат од МВР. Откако пратката стасала во царинската испостава во Пошта 2 во Скопје, полицијата го одзела пакетот со боја за порцелан во кој биле сокриени околу 2 килограми дрога.

Од полицијата информираат дека со мешање на кокаин-пастата во сулфурна киселина со и третирање со амониум хидрохлорид и филтрација се добивало исто количество кокаин со 100% чистота и исклучително висок квалитет. Вредноста на запленетиот кокаин во малопродажба се проценува на околу 200.000 евра. Полицијата има сознанија дека кокаинот бил наменет за македонскиот пазар, односно поимотни клиенти на Персида.

По наредба од истражен судија извршени биле претреси во семејната куќа и во изнајмениот стан на Персида, што го имала преуредено во бутик, каде што била најдено големо количество брендирана облека од Версаче, Долче Габана, Армани и други брендови, чија вредност се проценува на неколку стотици илјади евра.

Второосомничената е лишена од слобода во едно скопско кафуле, додека Будисављевиќ е во бегство. Двајцата досега не биле пријавувани, но не е исклучено истите да не го применуваат прв пат овој метод за внесување кокаин во земјава. Во јануари 2007 година на ГП Блаце беше запленет речиси половина тон кокаин. За најголемата пратка која стасала во државава на 14 и пол години затвор се осудени СтаниславаЧочоровска-Плетан и возачот кој ја презема дрогата од Бар, Алија Азировиќ.

 

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk