Дневник 15.02.2010
Остатоците од телото и' припаѓале на Ангела
Институтот за судска медицина потврди дека остатоците од детското тело пронајдени кај селото Пештани во Мариово се од шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска од селото Дуње, која исчезна пред шест месеци. Истражниот судија ќе продолжи со истрагата за утврдување на причините за смртта на Ангела.
Семејството на Ангела се' уште никој официјално не го известил за ДНК-профилот. Таткото Борче кусо рече дека не сака семејството да биде вознемирувано.
Не кажа дали има информација за резултатите од ДНК-анализата.
- Би сакал да не бидеме вознемирувани, барем додека со син ми Блашко и малата Ѓорѓина ги следиме маските на карневалот Прочка во Прилеп - рече таткото на Ангела. Од семејството пред неколку дена изјавија дека не им веруваат на институциите во земјава и најавија дека ќе бараат да ги проверат наодите од остатоците и од крвта во други компетентни установи во странство.
Мајката на Ангела чувстува дека детето ќе и' се врати и претпоставува дека чедото и' е грабнато од човечка рака. Марјан Ѓорѓиоски, братот на Борка, кажа дека не веруваат дека остатоците се од Ангела.
- Ќе мора да се соочиме со најлошото. Тешко е, ама таква била судбината. Чудно е како отишла дотаму. Има многу неодговорени прашања - вели Марјан.
Мештаните од селата Дуње и Пештани сметаат дека телото ќе било откриено од мршојадци, орли и гаврани, ако не било закопано. Сега само дождовите можеле да го откријат, по што кучиња или волци го распарчиле.
- Теренот таму не се пребаруваше. Ама на гавраните ништо не им мрднува од природниот инстинкт да намирисаат мрша на јагне. Ќе се собереа стотици од цело Мариово и ќе беше забележано од овчарите. Има нешто сомнително да не се знае што се случи со девојчето - вели жител од селото Дуње
Назад