Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

27.01.2010 Во рамките на Неделата за превенција од рак на грлото на матката
Едукација за повеќе од сто и педесет жени – полицајки

Превземено од МИА 27.01.2010

Секој случај на рак на грлото на матката може да се спречи со редовни гинеколошки прегледи и со вакцинација против ХПВ (Хуман папилома вирусот). Повеќе од 200 жени во Македонија секоја година заболуваат од рак на грло на матка, а приближно половина од нив умираат како последица на оваа болест. Во светски размери годишно се регистрираат околу 500.000 нови случаи, од кои дури 300.000 завршуваат со смрт.

Во рамки на напорите за превенција од оваа болест Здружението за борба против рак - Борка и Здружението за ХПВ на Македонија денеска организираа едукативна сесија за превенција од оваа болест која се реализира во рамките на глобалната акција „Бисер на мудроста“. Тие ја најавија Неделата за превенција од рак на грлото на матката и спроведоа едукација за повеќе од сто и педесет жени – полицајки и жени – самохрани мајки.

Во обраќањето до присутните на  сесијата претседателот на Здружението за борба против рак - Борка, Биба Додева рече дека со оваа акција Македонија се вклучува во глобалните напори за подигање на свеста за начините и можностите да се спречи ова заболување.

- Наша цел е подигање на свеста за превенција на ракот на грлото на матката со редовни гинеколошки прегледи (ПАП тест) и ХПВ вакцина. Се залагаме сите жени и млади девојки да дознаат што треба да направат за да ја избегнат оваа болест. Да ги поддржиме институциите и здравствените работници во однос на продолжување на програмите за превенција, редовен скрининг и нивно спроведување насекаде, истакна Додева.

На едукативната сесија учествуваа министрите за здравство и за внатрешни работи Бујар Османи и Гордана Јанкулоска, како и претставници на невладини организации.

Министерот Османи во обраќањето до присутните истакна дека само со еден ваков организиран пристап може да се испрати порака до оние на кои им е неопходна во однос на превентивните мерки за спречување на малигните заболувања, имајќи го предвид трендот на нивно постојано зголемување, заземање на приматот над срцевите заболувања и кои се основна причина за смрт.

- Продолжуваат актвностите на Министерството за здравство преку програмите за рано откривање и спречување на болести на репродуктивните органи кај жената, и за рано откривање на ракот на дојката. Најголема придобивка од нив е драстичното зголемување на свеста кај женската популација во Македонија за превенција од ова малигно заболување, за што сведочи и големиот интерес за мамографски и ехо прегледи, посочи Османи.

Оваа година, рече тој, воведуваме и Програма за рана детекција на малигни заболувања во чии рамки ќе почне организиран скрининг за рак на грлото на матката во пилот-градовите Прилеп, Гостивар, Свети Николе и Штип, каде жените ќе бидат повикани на конкретен датум да се јават во здравствена установа за да може да го извршат тој преглед.

- На овој начин сакаме да пристапиме и до пониските социјални слоеви и до руралните средини за да ги поканиме жените да го направат гинеколошкиот и мамографскиот преглед што ќе значи спасување живот за нив. За три години повеќе од 34.000 жени направиле бесплатен гинеколошки преглед со ПАП тест, додека 36.000 жени извршиле мамографски или ехо преглед. Воедно, одржани се и 130 едукативни работилници кои ги посетиле над 15.000 жени, додаде Османи.

Андреа Илјаж, референт за култура и печат при Словенечката амбасада во Македонија рече дека тие го имаат еден од најстарите државни регистри за рак во Европа.

- Во Словенија има Програма за целосни прегледи за рано откривање на рак на грлото на матката. Словенечките жени добро ја прифаќаат Програмата за целосни гинеколошки прегледи и ги прават повеќе од 70 отсто од нив. Во Словенија во првите шест години од објавувањето на Програмата инциденцата на рак на грлото на матката е намалена за 140 отсто, истакна Илјаж.

Претставникот на Американската амбасада во Македонија, Солве Рикер потенцира дека повеќе од две милијарди долари се трошат за лекување на ракот на грлото на матката во САД и оти се препорачува секоја година сите жени да направат ПАП тест и ХПВ тестови на возраст од 21 година и секоја година да се прават прегледи. Се препорачува, посочи таа, овие тестови да се применуваат и кај жените по менопаузата.

Инфекцијата со високоризични типови на ХПВ се главен фактор во настанувањето на ракот на грлото на матката. ХПВ инфекцијата најчесто се пренесува преку сексуален однос, но и преку неполов пат (од мајка на дете, облека, хируршки ракавици и др). ХПВ вакцината овозможува заштита од двата најчести високоризични типови на ХПВ (16 и 18) кои во најголем број случаи предизвикуваат рак на грлото на матката.

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита Јованка Костовска истакна дека во Македонија кога почна вакцинацијата против ХПВ се вакцинирале 4.500 девојчиња на возраст од 9 до 26 години.

- Овој период обезбедени се доволен број вакцини и за редовна и за незадолжителна вакцинација. Одѕивот е многу послаб. Од онаа редовна задолжителна вакцина кај девојчиња на 12 годишна возраст вакцинирани се 2.600, што значи околу 20 отсто од вкупно 14.000, кои е потребно да се вакцинираат. Како незадолжителна  по заводите за здравствена заштита вакцината ја примиле 120 девојки. Од сите досега дадени вакцини во државата нема ниту едно пријавено несакано дејство, додаде Костовска.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk