Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

05.01.2010 Нова Македонија
„Алфи“ уапсиле триесетина бегалци од законот

Екипа на мобилната единица „Алфа“, Новата година, но и деновите по неа, ја пречекале со полни раце работа и за пет дена успеа да приведе дваесет и шест лица што се барале по судиски потерници

Од МВР официјално информираат дека најголем дел приведени биле барани
оти против нив се водела истрага за кривични дела за кои се сомничат, а петмина веќе имале правосилни пресуди, но не се јавиле на издржување на затворските казни.

Тројца од приведените, кои веднаш биле префрлени во скопскиот затвор „Идризово“, ќе треба да издржуваат затворски казни од една до три години за тешки кражби. Другите двајца осуденици што паднале во акциите на „алфите“ наредните четири, односно една година, ќе ги поминат зад решетки оти едниот од нив тргувал со дрога, а другиот предизвикал општа опасност, најверојатно со оружје.

Апсењето на бегалците од законот било само дел од новогодишните активности на припадниците на мобилната единица. Почнувајќи од новогодишната ноќ, па сé до вчераутро, тие интервенирале во четириесетина случаи. Во една од акциите тие успеале да запленат поголемо количество петарди и пиротехника, а уапсиле и неколку лица што ги фатиле живи како продаваат и употребуваат дрога. Новогодишната рута на „алфите“ продолжила по јавни и други објекти, а нивните екипи легитимирале вкупно 121 лице, а биле извршени и 33 контроли на сомнителни автомобили.

Според официјалните информации на МВР, во деновите од Новата година, за разлика од лани, но и од претходните години, биле регистрирани релативно мал број кражби во станови и куќи, вкупно околу шеесет, од кои арамиите си заминале со мали суми пари и предмети со незначителна вредност.

Од скопската полиција велат дека во изминатите четири дена немало ниту многу нарушувања на јавниот ред и мир, најчесто инспирирани од некоја чашка алкохол повеќе. Нивни екипи интервенирале во триесетина случаи, во кои најчесто станувало збор за тепачки, а само еден жител на населбата Кисела Вода се пожалил во полиција дека неговите соседи претерале со гласната музика.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk