Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

05.01.2010 Дневник
Нов аршин за фатените возачи

Нов аршин за фатените возачи

Возачите-аматери сепак нема да бидат казнувани за едно испиено пиво или чаша вино, а глобите се рангираат од 250 до 400 евра, според количеството алкохол во крвта

Возачите што не се професионалци сепак нема да бидат казнувани за едно испиено пиво или чаша вино. Измените во Законот за сообраќајот, што пратениците го изгласаа во минатиот вторник, а ќе почне да се применува од утре, прецизно утврдуваат дека дозволената граница останува 0,5 промили алкохол во крвта. Лимитот од 0,1 промили се однесува само за професионалните возачи и возачи-почетници. Забуната што ја направија некои медиуми со погрешно толкување на законот.

- Границата од 0,1 промили алкохол се однесува само на возачите на кои управувањето со возило им е основно занимање, односно професионалните возачи на автобуси или камиони, возачите-инструктори, кандидатите за возач, како и членовите на испитните комисии за полагање возачки испит - вели Кузман Дамчевски, виш полициски советник во Секторот за сообраќајни работи во МВР.

Меѓу измените во Законот е и предвидената глоба од 500 евра и забрана за управување на моторно возило за возачот што ќе одбие да биде алкотестиран и возачот кој управува возило без возачка дозвола. Професионалните возачи ќе бидат казнети со 200 евра глоба и три месеци забрана за управување на моторно возило.

Дозволена концентрација на алкохол во крвта за возачите-аматери останува под 0,5 промили. Процентот на алкохол во крвта не зависи само од количината на испиениот алкохол, туку и од други фактори: тежината на човекот, полот, возраста, временскиот интервал од внесувањето на алкохолот до тестирањето и друго. Маж со просечна тежина од околу 70 килограми, по две испиени пива при тестирање може да ја надмине дозволената граница од 0,5 промили алкохол во крвта. За намалување на вредноста на алкохол во крвта од над 0,5 на нула потребно е да поминат од еден и пол до три часа.

ПОВЕЌЕ МАЛИГАНИ, ПОВЕЌЕ ЕВРА

Возачите што биле запрени од сообраќајна полиција по испиени две пива и оние што биле затекнати „мортус“ пијани нема еднакво да бидат казнувани. Казните се рангираат во четири категории, според тоа колку испиле фатените возачи. Казните се движат од 250 до 400 евра. Висината на паричната казна се одредува според концентрацијата на алкохолот во крвта. Првата категорија ги опфаќа возачите кај кои се измерени од 0,1 до 0,5 промили алкохол во крвта. За нив е предвидена казна од 200 евра. Во втората категорија спаѓаат тие кај кои ќе бидат измерени меѓу 0,51 и 0,99 промили алкохол. За нив глобата е 250 евра, а 300 евра ќе платат несовесните зад воланот кај кои ќе бидат измерени од 1 до 1,46 промил алкохол. По 350 евра казна ќе платат возачите кај кои алкотестот ќе покаже присуство на алкохол во крвта од 1,5 до 1,99 промил. Највисока е казната од 400 евра за оние што имаат над 2 промила алкохол во крвта.

Досега, сите пијани возачи, без разлика дали биле фатени со 0,5 или пак со над 2 промила алкохол во крвта, плаќаа иста казна - 400 евра.

Граѓаните го поздравуваат одредувањето казна според степенот на алкохолизираност.

- Не може некој што испил едно пиво да плаќа иста казна како некој што се направил „дрво“ пијан. Полицијата досега само еднаш ме запрела и по испиени две чаши пиво, апаратот покажа дека имам околу 0,6 промили алкохол во крвта. Ми напишаа казна од 400 евра, но платив само половина бидејќи ја уплатив во законскиот рок од осум дена. Сметам дека на тој начин ќе се воведе ред во контролата на пијаните возачи - вели 43-годишен скопјанец.

Други, пак, сметаат дека не треба да се прави категоризација на пијаните возачи.

- Без разлика дали некој вози автомобил по три испиени чаши вино или, пак, управува возило во тешко пијанство, во двата случаја се прекршува законот. Алкохолот и управувањето на возило не одат заедно и треба да има уште поригорозни казни - тврди пензионер.

Досега сите пијани возачи, без разлика дали биле фатени со 0,50 или пак со над 2 промила алкохол во крвта, плаќаа иста казна од 400 евра. Надлежните сметаат дека со рангирање ќе има поадекватно санкционирање на пијаните возачи.

- Како резултат на компаративните искуства во Европа, се предвидува конкретно дефинирање на недозволените промили на алкохол во крвта, како и адекватно санкционирање на учесниците во сообраќајот што постапуваат спротивно на законот - вели Дамчевски.

МАКЕДОНИЈА ТОЛЕРАНТНА

Возењето под дејство на алкохол не е најчестата причина за сообраќајни несреќи во Македонија. Во првите девет месеци од минатата година имало 3.244 сообраќајки со потешки последици. Од сите несреќи во минатата година, само мал дел, односно 117, биле предизвикани поради возење под дејство на алкохол, а најголем број, односно 3.019 несреќа се случиле поради возење со преголема брзина. Во истиот период лани на македонските патишта загинале 120 учесници во сообраќајот, а повредени се 4.942 лица.

- Очекуваме новата казнена политика да го намали бројот на сообраќајни несреќи предизвикани од алкохолизирани возачи. Ефектите од измените во законот ќе ги видиме кога ќе ги сумираме резултатите од нашата кампања за поголема безбедност во сообраќајот - велат креаторите на измените во законот.

Македонија е земја што влегува во категоријата на земји што толерираат возење со извесно присуство на алкохол во крвта. Дозволената граница до 0,5 промили како референтна ја имаат и Бугарија, Хрватска, Србија, Грција, Словенија, Турција, Италија, Германија, Швајцарија и други. Најригорозни земји, во кои воопшто не е дозволено присуство на алкохол во крвта, се Чешка, Унгарија, Романија, Словачка, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Полиберални земји, со дозволени до 0,8 промили алкохол во крвта се Ирска, Велика Британија, Канада, Мексико, Малта, САД и други.

Македонската полиција често врши поголеми акции за алкотестирање на возачите по македонските патишта и најчесто добиените податоци се дека околу 20 отсто од нив возеле под дејство на алкохол.

Даниела Вељановска

Нема доза алкохол што не е штетна

- Релативно е колкаво количество алкохол е потребно за пијанство. Некој може да се испијани и со половина чаша вино, особено ако пие гладен. Се случувало по неколку чаши „кока-кола“ тестот да покаже алкохол во крвта. Ние настојуваваме законот да се смени, зашто и кај тие со 0,5 промили алкохол во крвта може да има промени во однесувањето и да бидат причина за сообраќајни незгоди. И со толку малку алкохол возачот е во физичка или психичка состојба во која не може да реагира соодветно на ситуацијата. Тоа е стар проблем што го имаа и судовите и вештаците со сторители на несреќи, кои го имале овој процент на алкохол, случаи што се' уште не можеме да ги решиме. Најдобро е воопшто да не се пие алкохол додека се вози - вели д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката.

Тој предупредува дека алкохолот ги забавување функциите, најсилно дејство има на централниот нервен систем и на мускулатурата, ги затапува сетилата, а најопасно е што може да предизвика влијание на центарот за дишење, поради што може да предизвика дури и смрт.

- Алкохолот може да го наруши ритамот на срцето и алкохолизираниот може да добие малигна аритмија од која исто така може да почине. Најмалите тројца пациенти што ни беа донесени вечерта на 31 декември се 13-годишници и сите беа во коматозна состојба. Често се заборава дека колку лицето е помладо, толку се потешки последиците од пиењето алкохол. Почетната еуфорија и веселост од пиењето поминува во фаза во која се забавени сите животни фунции, како и центрите за контрола на работата на виталните органи - објаснува Чибишев.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk