Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

04.01.2010 Дневник
Еден тон дрога запленето лани во Македонија

Еден тон дрога запленето лани во Македонија

Македонската полиција во 2009 година запленила пет пати поголемо количество наркотици отколку една година претходно, а 63 македонски државјани завршиле во странски затвори поради трговија со дрога

Еден тон дрога вредна пет милиони евра запленило лани МВР, односно речиси пет пати повеќе отколку во 2008 година, а 63 македонски државјани завршиле во странски затвори поради трговија со наркотици. Полицајците од Единицата за борба против недозволената трговија со дрога и оружје кај скопски дилер откриле и 2.263 таблети метамфетамин, што е досега рекордна заплена на оваа синтетичката дрога, една од најопасните дроги воопшто.

Министерството за внатрешни работи годинава пресекло и девет меѓународни канали за шверц на дрога, при што биле уапсени 25 македонски и четворица странски државјани.

Изминатава година беше една од најуспешните досега во однос на борбата против недозволената трговија со наркотици, како во однос на количеството така и во однос на вредноста на запленетата дрога, сметаат во МВР.

- Особено значајно е поместувањето направено во однос на меѓународната соработка во борбата против шверцот на дрога, па лани МВР учествуваше во повеќе заеднички акции со колегите од други држави, што резултираше со пресекување на неколку интернационални шверцерски канали. Во тој контекст, освен количеството на запленетата дрога и бројот на уапсените шверцери, на значење добива и фактот дека во меѓународни рамки Единицата за борба против недозволената трговија со дрога и оружје се промовира како релевантен партнер - изјави Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста при МВР.

Според него, за издвојување е соработката со турската полиција и заедничката акција под оперативно име „Босфор“, во рамките на која беа пресечени пет меѓународни канали за транспорт на хероин, на релација Турција - Грција - Македонија, а наменет за западноевропскиот пазар. Притоа само на подрачјето на Скопје беа запленети 100 килограми хероин, а 134 килограми од дрогата беа запленети кај скопјанец во Турција. На крајот од мај во Скопје беше уапсен турскиот наркобос Хилми Авџи (35), кога требало од скопјаните Реад Синани (34) и Фатмир Салиев (21) да преземе 10 килограми хероин. Сите тројца во септември во Основниот суд во Скопје беа осудени на затворски казни. Се претпоставува дека турските власти ќе бараат Авџи, кој доби седумгодишна затворска казна, да биде екстрадиран во Турција, каде што е обвинет за шверц на 100 килограми хероин и на оружје.

Петмина Македонци осомничени дека шверцувале хероин биле уапсени во Бугарија во операцијата „Коридор“, заедничка акција на македонската и на бугарската полиција. Бугарската полиција кај осомничените пронашла 111 килограми хероин, кој требало да биде пренесен во Македонија.

Од МВР велат дека преку Интерпол лани добиле информации за 63 македонски државјани што биле уапсени низ целиот свет поради шверц на дрога. Кај нив биле откриени 400 килограми различни дроги.

Во септември во атарот на скопското село Варвара, во пластеник со домати беа откриени и уништени стотина стебла и три собрани снопа марихуана. Тоа беше прва заплена на марихуана одгледувана во специјализирани услови, со што е овозможено стеблата од растението канабис сатива да бидат со висок квалитет. Станува збор за квалитетна марихуана со огромно присуство на активната материја тетрахидроканабинол (ТХЦ), поради што од растението лесно може да се направи хашиш и хашишово масло.

- Македонија лани беше позитивно оценета и во годинашниот извештај на американскиот Стејт департмент во однос на борбата против недозволената трговија со дрога. Според извештајот, земјава не е значаен производител на наркотици, ниту пак е една од главните рута за шверц на дрога. МВР ќе се труди и во наредната година успешно да го осуети секој обид за шверц на дрога, а со тоа да ги направи и поризичен шверцот на наркотици преку нашата земја - вели Котевски.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk