Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

03.01.2010 Интервју за МИА од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска
Јанкулоска: "Нултата толеранција на организираниот криминал останува приоритет и во иднина"

Интервју со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска

Скопје, 3 јануари - Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во интервју за МИА говори за приоритетите во 2010 година, за модернизацијата на полицијата, борбата против организираниот криминал, за корупцијата внатре во МВР, како и за односот со медиумите и транспарентноста во работењето на Министерството.

Кои се приоритетите на кои ќе бидете посветени во 2010 година?
 
- Оваа Влада има јасно дефинирани цели од кои не планираме да отстапиме ниту во 2010 година. За нас како министерство за внатрешни работи граѓаните остануваат во фокусот на  вниманието. Сосема природно наша примарна грижа се мирот и безбедноста на граѓаните. Не помалку важно е продолжување на динамиката во реформскиот курс и достигнувањето на европските стандарди. Изминатава година беше исклучително позитивна од аспект на меѓународна верификација на досегашните напори во тој правец. Можам само да ги поздравам најдобрите оценки што воопшто сме ги добиле, а беа изнесени во поглавјето посветено на правдата, слободата и безбедноста во годинешниот извештај на Европската Комисија со кој беше препорачано одредување на датум за отпочнување на пристапните преговори.

Како министерство можам да кажам дека сме целосно подготвени за отпочнување на сложениот процес на преговори и евентуалното отворање на поглавјата кои се под наша ингеренција. Оттаму, целосната имплементација на новиот Закон за внатрешни работи се подразбира дека ќе биде во фокусот на нашиот интерес. Особено внимание ќе посветиме и на новиот концепт кој за прв пат се воведува со овој Закон, а тоа е системот на кариера. Истиот е основа за промоција на професионализмот во полициското работење, и навистина е куриозитет и разочарување што властите во овие 18 години или немале волја или немале знаење за да го постават и реализираат.
 
Во јавноста постојат обвинувања дека со реформите и со буџетските средства наменети за МВР се врши милитаризација на земјава? Дали модернизацијата на полицијата значи единствено опремување односно купување модерни опреми и техники ?

- Ако се навратиме назад сигурно и Вие и јавноста ке се потсетите дека до моето доаѓање во МВР затекнавме состојба во која во одредени Полициски станици се возеа застави произведени во доцните 70-ти години или раните 80-ти од минатиот век. Дека при интервенирањето на терен честопати им се случувало на нашите колеги возилото да ги остави на пат и да мораат да го туркаат. Што е уште потрагично, трошоците за гориво и за поправка на овие возила на годишно ниво честопати изнесуваа колку набавка на ново. Далеку позагрижувачка беше состојбата во однос на информатичката технологија. Поразително е сознанието дека до 2006 имало помалку од 500 кумпјутери, а дека во овие три години се набавени 10-тина пати повеќе. Јас ова не би го нарекла милитаризација. Би го нарекла исправање на пропустите и грешките од минатото предизвикани од недостатокот на визија за развој и модернизација на полицијата.

Започнавме со реновирање на Полициските станици, ги поврзавме и интегриравме со видео надзор Граничните Премини, целосно опремивме ДНК лабораторија, а значително инвестиравме и во Одделот за крим-техника. Набавивме хелихоптери за прв пат по 1977 година, доколку се изземе подареното летало во 2000 година. Ги опремивме и модернизиравме специјалните единици, а вложивме и во надградба и ставање во функција на ТЕТРА системот.

Се разбира дека техничката надградба не е единствениот фактор за создавање модерна европска полиција. Затоа инвестиравме и во бројни обуки, а Центарот во Идризово го промовиравме во регионален центар каде професионалците од регионот учат нови методи на работа и меѓусебно ги разменуваат искуствата во различни области. Криминалот се менува, а единствениот предуслов за ефикасно справување со него е модернизирање и следење на трендовите. Впрочем и постигнатите резултати го говорат тоа. Само на овој начин македонската полиција може да се промовира себе си и државата како релевантен меѓународен партнер.

Затоа, модернизацијата повеќе ја гледам како обезбедување услови за поефикасно спроведување на законите и опозициските напади за наводно создавање „полициска држава“ ги сфаќам единствено како рецидив од минатиот систем и непрепознавање на модерните текови во борба против криминалот.

Продолжувате ли со борбата против организираниот криминал и корупцијата ? Како гледате на текот на процесите на најголемите полициски операции „Пепел”, „Змиско око” но и други кои беа најактуелни во 2009 година?  Некои од најголемите случаи на корупција се се уште без судска завршница или се укинати од повисоките судски инстанци. Какво е Вашето мислење, каде е проблемот, до полициските истраги и докази или за латентни судски коруптивни дела и притисоци?

- Оправдани ли се случаите на корупција во внатрешните редови на полицијата ? Како планирате да се справите со корупцијата внатре во МВР?
 
- Нултата толеранција на организираниот криминал и корупцијата останува приоритет и во иднина. Ваквата јасна определба беше една од главните причини поради кои граѓаните пред три години ни ја дадоа довербата, а прикажаните резултати беа повод таа доверба да ни ја дадат уште во неколку наврати. Затоа јавно ќе гарантирам дека не само што нема да запреме, туку уште пожестоко ќе продолжиме со неселективната и бескомпромисната борба со криминалот.

Сите паметиме во каква состојба се наоѓаше Македонија до 2006-тата година и дека не постоеше еден извештај каде не беше посочена корупцијата како рак-рана на општеството. Доколку имаше барем малку воља и знаење од страна на тогашната власт за борба против корупцијата, убедена сум дека земјава немаше да се најде на срамното 105-то место на листата на Транспарентност. Од тогаш Македонија напредуваше за цели 35 места, но ова не го сфаќам како признание, туку како мотив повеќе да продолжиме да работиме во истата насока.

Не можам, а да не изразам задоволство кога се спомнуваат и набројуваат сите случаи и процесуирани пријави, без разлика во која фаза на постапување се наоѓаат. Пред се заради тоа што колку и да вложувам такви напори тешко можам да се присетам барем на една помасовна акција реализирана претходно, иако тогаш и најобичниот граѓанин говореше за криминали во „Бачила“ во „Фикоми“ и редица афери кои останаа само на тоа. Навистина сега е малку апсурдно тоа што истите тие што или не гледаа или не сакаа да видат криминал во бројните афери сега се обидуваат преку наводни „експертски мислења“ да прикажат дека сме биле исти. Преку доделената аболиција за криминал тежок 8 милиони евра од страна на првиот човек на СДСМ, па се до протестите и притисоците пред судовите, завршувајќи со прес конференциите за неправосилни предмети, СДСМ покажа како ја сфаќа борбата против организираниот криминал и корупцијата. Морам да кажам дека тука сме целосно различни. Ниту сме си дозволиле, ниту ќе си дозволиме мешање во работата на судот. Напротив. Истиот мора да работи без притисоци, закани, протести и најави за линч под судиските канцеларии. Факт е дека дел од случаите се без завршница, а неколку беа вратени, но генералната состојба укажува дека сите пријави поднесени од МВР се издржани, прифатени од обвинителството и процесуирани. Можевме да прочитаме дека во овие три години од страна на ОЈО за гонење на сторители од областа на организираниот криминал и корупцијата се процесуирани вкупно 165 обвиненија против 846 лица, при што се донесени 121 првостепена пресуда, од кои 116 се осудителни. Апелациониот суд има донесено 95 пресуди, од кои 82 потврдени и 13 укинати. Врховниот суд, од податоците кои ги имавме на увид, укинал пет пресуди. Карактерот на кривичните дела по кои постапувало ова обвинителство укажува на фактот дека станува збор за најсложени и најсофистицирани облици на кривични дела. Ќе се согласите дека и покрај неоснованите обвинувања на опозицијата, силата на аргументите покажува дека борбата против организираниот криминал е суштинска.

Друг факт што ја покажува нашата одлучност е справувањето со криминалот во сопствените редови каков што беше оној опфатен со случајот „Бумеранг“. Можеби барањето по 5 или 10 евра не претставува криминал или проблем за Црвенковски и СДСМ, но ние сме одлучни да ги исчистиме од сопствените редови оние кои ја срамат униформата. Справувањето со криминалот во сопствените редови е предуслов за враќање на угледот на полицијата и поголема ефикасност во борбата против останатиот криминал.

Дека се апсурдни обвинувањата на СДСМ за ситни и крупни криминалци и прогон на лица за ситен поткуп, доволно говори и борбата против тутунската мафија преку случајот „Пепел“. Локалните босови кои преку организирана мрежа 10-тина години наназад „работеа“ конечно се најдоа пред лицето на правдата. Со „Пепел“, кој СДСМ го ставаше под тепих, на обвинителна клупа се најдоа 55 лица кои се товарат за криминал тежок околу 60 милиони евра.
 
Оваа година Република Македонија заслужено ја доби визната либерализација, ги добивме биометриските пасоши, а со тоа и долгите редици за промена на старите со нови лични документи? Тоа е она на што најмногу Ви се забележува во таа насока?
 
Овие три години МВР многу инвестираше во исполнување на одредниците за визната либерализација и одлуката за укинувањето на шенгенскиот ѕид е една од најголемите придобивки за граѓаните. Во 2007 година од мртва точка го помрднавме проектот за биометриски лични документи кој беше исклучително позитивно оценет од страна на ЕУ. Успеавме да го поставиме Интегрираното гранично управување, а позитивно бевме оценети и во доменот на почитувањето на човековите права и слободи, како и во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Факт е дека има подолг период на чекање за аплицирање за лични документи, предизвикан од повеќе фактори. Еден од факторите беше приближувањето на крајниот рок за замена на личните карти и слабиот одзив претходно од страна на граѓаните. Доволно е само да се каже дека претходните 2,5 години имаше по 100-тина апликации дневно за одеднаш бројот на апликации да достигне и до 10000.

Вториот фактор беше донесената одлука за визна либерализација и насоката дека таа ќе важи само за новите биометриски пасоши. Третиот фактор беше пандемијата на свински грип и големиот број наши вработени кои се постојано во контакт со странки и кои се пожалија на симптомите. Кога на тоа ќе се додаде и празничната навала од страна на нашите иселеници кои доаѓаат во земјава не треба поголемо објаснувања за тоа со каков проблем се соочивме. Но секојдневно ги преземаме сите неопходни мерки за надминување на проблемите. Воведовме двосменско работење, отворивме можност постарите лица да аплицираат преку мобилните станици кои ќе ги посетуваат, отворивме нови базни станици и сега сме во фаза на отворање и на нови пунктови каде граѓаните ќе можат да ги подигнуваат исправите кои веќе се изработени. Четирикратно го зголемивме и капацитетот на повикувачкиот центар елиминирајќи ги издржаните забелешки дека бесплатниот број не може да се добие.

Сепак, не можеме така брзо да интервенираме во делот кој не зависи исклучиво од нас, односно во техничките карактеристики и капацитетот на системот. Кога е планиран и распишан тендерот, уште пред 2005 година, оптималните проценки врз основа на бројот на жители бил систем со максимален капациет од издавање под 5000 лични документи дневно. Факт е дека со изменетата ситуација тој се покажа како недоволен така што ја повикавме фирмата „Гисеке и Девриент“ со која е склучен 10 годишен договор да предложат решение. Предлогот го очекуваме до крајот на јануари и доколку е прифатлив веднаш ќе пристапиме кон проширување на капацитетите.

Најпосле, предложивме и измени во Законот за пролонгирање на важноста на личните карти за уште две години. Ќе продолжиме и натаму да работиме во интерес на граѓаните и да ги решаваме сите проблеми на кои наидуваме.
 
Сметате ли дека МВР е доволно транспарентно и остварува добра соработка со медиумите ? На кој начин ќе им помогнете на медиумите, поточно на новинарите, со оглед на поголемиот број напади што се случија врз нив во текот на оваа но и претходните години ?
 
Дали е МВР доволно транспарентно одговорот треба да го дадете вие. Јас можам да кажам дека максимално се трудиме да работиме отворено и правовремено да ја информираме јавноста. Самите бевте сведоци дека по неоснованите напади од страна на еден медиум и опозициската СДСМ, сами инициравме постапка пред антикорупциската комисија и обвинителството по, за нив, спорната постапка. Колку што паметам за прв пат една институција отворено повика граѓани и невладини организации сами да извршат увид во документацијата и да се сретнат и разговараат лично со тендерската комисија.

Знам дека медиумот е моќно оружје и дека е практично невозможно да се добие битката пред очите на јавноста, но ценам дека вистината и отвореноста се нашите адути и дека и во иднина на ваков начин ќе се обидуваме да се справиме со сите неосновани и политички мотивирани и фабрички монтирани случаи.

Како МВР имаме редовен отчет пред Собранието, но и од страна на надлежните СВР-а пред локалната власт. Буквално секој ден организираме брифинзи со медиумите, публикуваме билтени и соопштенија, а нашата интернет страница досега ја посетија приближно 4 милиони лица, што ја прави една од најчитаните. Сето тоа говори за нашиот респект кон медиумите, но пред се за одговорноста за отчет пред јавноста. Јас лично на медиумите не гледам како на опонент, туку како на партнер и коректор во тоа што го работиме. Моќта и влијанието кое тие го поседуваат е огромно, но од таму призлегува уште поголема одговорност при нивното практикување. Почитувањето на законските одредби за навредите на честа и угледот и нанесувањето неоснована штета врз неточни и непреоверени информации мора подеднакво да важат и за медиумите. Сепак за да може да се побара одговорност медиумите мора да имаат целосна слобода во своето работење. Од тој аспект секогаш сум го осудувала и ќе го осудувам секој притисок врз независното новинарство и најсериозно ќе постапуваме по секој ваков предмет.

Никој не е безгрешен. Ниту ние, ниту медиумите. Сепак треба да се има доблест и кога ќе се констатира грешката да следува извинување и корекција. Само така се гради партнерство и доверба.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk