Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

11.12.2009 Промоција на новата генерација полициски службеници
Јанкулоска: “Да им служите и да ги штитите граѓаните е чест и гордост“
   



Денес во Центарот за обука во Идризово, на пригодна свеченост, на којашто присуствуваше и министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска, беше промовирана новата генерација приправници-полициски службеници од учебната 2008/09 година. Обраќајќи се пред двестотините идни полицајци, министерката Јанкулоска, меѓу другото, истакна дека македонското МВР – “има цврста, стратешка определба да биде вистински сервис на граѓаните преку создавањето модерна и ефикасна полиција, а основен предуслов за возобновување на оваа есенцијална врска е граѓаните во вас да препознаат чесни, компетентни и бескомромисни борци против криминалот. Од вас се очекува да бидете први и преку личен пример да покажете дека нема алтернативи на почитувањето на Уставот и законите и дека истите важат подеднакво за секого“. Потсетувајќи ги идните полицајци дека по овој свечен чин тие стануваат  важна алка на еден комплексен систем којшто постојано се реформира и ги имплементира европските вредности, Јанкулоска потенцираше дека од нив се очекува рамноправно со другите да го понесат својот дел од одговорноста на патот на реализацијата на стратешките цели и обврски, истакнувајќи на крајот дека  служењето и  заштитата на граѓаните е чест и гордост.

Инаку, на свеченоста на која што покрај министерката Јанкулоска присуствуваше и директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Љупчо Тодоровски, и други високи функционери на МВР, како и бројни гости од дипломатскиот кор во земјава, беа врачени дипломите на завршените ученици, проследено и со чинот на двањето свечена изјава и заклетва на приправниците за полицајци, коишто после новогодишните празници ќе бидат распоредени по организационите единици во рамките на МВР.   

Во продолжение интегрално го пренесуваме обраќањето на министерката Јанкулоска:

 

 

 

“Најнапред дозволете ми во името на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и во мое лично име да Ве поздравам и да Ви го честитам успешното завршување на Вашата обука за полициски службеник.

 

До вчера бевте приправници, но од денеска сте рамноправни колеги, полициски службеници. Тоа значи дека секој од вас, отсега е исправен пред предизвикот на идните професионални работни обврски кои ги наметнува униформата.

 

Почитувани колеги,

Зад Вас е една година на целосна посветеност во подготовките за она што ќе биде Ваша идна професија. Тоа бараше голем ангажман, издржливост, многу откажувања и многу обиди и грешки. Завршувањето на полициската обука ве предизвика да го извлечете најдоброто од себе за да ве подготви за она што во целиот работен век ќе Ве одбележи како дисциплинирани, одговорни и компетентни носители на една исклучително чесна професија - полицаец. Успехот со кој ја завршивте Вашата обука е заслужен, но истиот ќе биде валоризиран само доколку го сфатите како одговорност за континуирано надградување, учење и напредување во службата. Со новиот Закон за внатрешни работи системот на кариера за прв пат е вграден во полициското работење. Со него постигнатите резултати во работата стануваат единствен критериум за напредување во службата. Тоа мора постојано да го имате на ум и истото треба секогаш да биде дополнителен предизвик при извршувањето на задачите.

 

Почитувани колеги,

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија има цврста, стратешка определба да биде вистински сервис на граѓаните преку создавањето модерна и ефикасна полиција. Само така ќе ја извршиме функцијата на прв бедем во заштитата од секојдневните предизвици и опасности на современото живеење. Градењето нов концепт на работа е невозможно без искрено партнерство со граѓаните. Основен предуслов за возобновување на оваа есенцијална врска е граѓаните во вас да препознаат чесни, компетентни и бескомромисни борци против криминалот. Од вас се очекува да бидете први и преку личен пример да покажете дека нема алтернативи на почитувањето на Уставот и законите и дека истите важат подеднакво за секого.

 

Почитувани колеги,

Денеска станувате важна алка на еден комплексен систем. Систем кој постојано се реформира и ги имплементира европските вредности. Систем кој покрај репресивните се поголемо внимание посветува и на превентивните мерки. Формирањето на советодавните групи на граѓани и локалните совети за превенција се дел од концептите со кои полицијата ја доближуваме и ставаме целосно во функција на решавање на проблемите на граѓаните. Како полициски службеници, од Вас се очекува рамноправно со другите да го понесете својот дел од одговорноста на патот на реализацијата на стратешките цели и обврски.

 

Колеги полициски службеници,

Никој не верува дека тоа ќе биде лесна задача, ниту дека на тој пат нема да се соочите со многу искушенија, но секоја успешно завршена задача на крајот од денот ќе Ви биде сатисфакција. Да им служите и да ги штитите граѓаните е чест и гордост, а признанијата од вас ќе ви покажат дека сте ја одбрале вистинската професија - полицаец.“

 

На крајот, дозволете ми уште еднаш да Ви честитам и да Ви посакам многу успех во  Вашата работа.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk