Ваша Екселенцијо Амбасадоре Хереро,
Почитувани Дами и Господа,
Навременото спречување сторување кривично или прекршочно дело е основен императив на секоја полиција. Оттука произлегува полициската ефикасност, заштитата на граѓаните, борбата против криминалот и меѓусебната доверба...
Дозволете ми во име на Министерството за внатрешни работи и во мое лично име да го поздравам Вашето присуство по повод одбележувањето на денот на превенцијата и заштита на граѓаните, како и свечениот чин на доделување на сертификати за успешно реализираната обука за превенција.
Според видувањата на современите полиции, превенцијата се наоѓа на самиот врв од полициските приоритети, а луѓето кои што вообичаено работат на превенцијата се високо обучени полициски кадри. Оттука токму превенцијата се смета како врв на полициската кариера.
Токму во овој правец размислува и делува и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, па на превенцијата и се дава особено значење од аспект на обука, едукација и тренинг.
Во рамки на програмата ,,Соработка меѓу полицијата и граѓаните,, изминативе два месеци, овде во Центарот за обука во заедничка организација на Министерството за внатрешни работи и ОБСЕ – Набљудувачката Мисија во Скопје беше спроведена еднонеделна обука за 131 полициски службеник и 22 –ца инспектори за превенција кои своето знаење стекнато за време на обуката ќе го пренесат и споделат во секојдневното работење и контакти со граѓаните, преку веќе воспоставените Одделенија за превенција во полициските станици.
Темите и дикусиите што се однесуваа на Основните принципи на соработка меѓу полицијата и граѓаните, градењето доверба, комуникација, отчетност,соработка со медиумите и слични теми обработени за време на обуката преку практични примери,искрено сум уверена дека во голема мера ќе придонесат за адекватен и ефикасен пристап во работата на службите кои се наоѓаат во најнепосреден контакт со граѓаните и нивните проблеми.
Дозволете ми во оваа пригода да истакнам дека заокружувањето на уште еден од низата заеднички успешни проекти на Министерството за внатрешни работи и ОБСЕ Мисијата во Скопје е резултат на личните заложби на Амбасадорот Хереро и неговите најблиски соработници вклучени во овој проект. Искрена благодарност упатувам за нивната посветеност и професионалниот пристап во делот на пренесување на практични знаења и лични искуства за време на спроведувањето на проектот.
Почитувани полициски службеници,
Превенирањето од настанување кривични дела е исто онолку важно како и откривањето на кривичните дела, со таа разлика што превенцијата секогаш може да биде подобра, посеопфата и поефикасна, но никогаш нема точно да можете да знаете колку животи навистина сте спасиле, колку млади луѓе сте спречиле да тргнат по погрешниот пат и колку влијаније сте имале во подобрување на безбедноста на Вашата држава.
Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе работи на усовршување на своите логистички и материјални капацитети и ќе ги применува демократските методи на работа, преку кои ќе дојде до израз неселективниот пристап и еднаквиот третман на сите граѓани.
Продолжуваме со нашите заложби за изградба на полиција во служба на граѓаните, полиција со која се соработува и на која и се верува.
Ви благодарам на вниманието.