Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

09.12.2009 Aналитички период од 2007 година заклучно со десете месеци од 2009 година
Состојби и резултати во откривањето случаи на коруптивна злоупотреба на службената положба

Во делот на откривањето на корупцијата, покрај откривањето на нејзините класични форми, треба да се издвои еден сегмент во кој овој вид на организиран криминалитет се јавува, а тоа е злоупотребата на службена положба со елементи на корупција. Откривањето на овој вид инкриминации, со кои сторителите противправно, за себе или други лица присвојуваат значителна имотна корист и нанесуваат голема материјална штета на државата и другите правни субјекти беше особено успешно во анализираниот период.

Притоа, беа откриени 266 вакви случаи во рамките на кои 680 лица- повеќето службени и одговорни лица и носители на јавни функции, злоупотребувајќи ја службената положба сториле повеќе видови на кривични дела од економскиот криминал и нанеле материјална шета поголема од 9,7 милијарди денари.

 

 

Имено, во текот на 2007 година, утврдени се елементи на коруптивно однесување на на 306 (102 во 2006 година) сторители при документирање на 116 случаи (47), со што бројот на откриени случаи е повеќе од двојно зголемен споредено со 2006 година, а со откриените инкриминации е нанесена значителна материјална штета во висина од над 3,1 милијарда денари  (над 50 милиони денари).

Најголемиот број од овие инкриминации се сторени во делот на работењето на акционерските друштва и друштвата со ограничена одговорност- 25 случаи, јавните претпријатија во повеќе области- 17 случаи, судство и правобранителство- 14 случаи, локалната самоуправа-12 случаи, а останатите се сторени во работењето на министерствата, високообразовните институции, катастарски служби и друго.

 

Во  овие случаи, инкриминациите се сторени од лица во својство на вработени и раководители во јавното претпријатие за патишта- 79 лица, директори и раководни лица на јавни претпријатија и државни установи- 41 лице, директори и управители на акционерски друштва и друштва со ограничена одговорност-26 лица, претседатели и членови на комисии- 18, судии и заменици јавни правобранители- 15, градоначалници- 11, раководители и вработени во високообразовни институции- девет, а останатите се поранешни министри, директори и управители на приватни претпријатија и вработени во министерства, царински работници, стечајни управници, адвокати и нотари, претседатели и членови на управни одбори, вработени во судството и катастар и друго. Исто така, како сторители на овие дела во значителен број-90 се јавуваат и вработени во Министерството за внатрешни работи.

 

Анализирајќи го начинот на кој сторителите ги вршеле злоупотребите, може да се заклучи дека делата ги вршеле со внесување на невистинити податоци за сопственост и градба на недвижен имот и денационализација, постапувајќи спротивно на Законот за јавни набавки, овозможување погодност во плаќање или неплаќање од други физички и правни лица, малверзации со здравствено осигурување и неоснована исплата на парични средства на вработени, непочитување на судски одлуки за исплата на финансиски средства и друго.                                                                                  

 

Како поткрепа на изнесените аналитички податоци, би издвоиле одредени покарактеристични случаи во кои е нанесената голема материјална штета.

Така, може да се издвои случајот на злоупотреби вршени при продажба и откуп на тутун во кој беа инволвирани 15 лица- поранешни директори на Бирото за стокови резерви и АД „Јака Табак“, претставници на судството и правобранителството и членови на владина комисија за проценка на тутун. Овие лица, незаконски работеле во шест годишен период причинувајќи вкупна материјална штета на Бирото и акционерското друштво поголема од 887 милиони денари.

 

Исто така, за одбележување е плански спроведената акција „Змиско око“ во кој се документирани незаконитостите извршени од вкупно 79 вработени во јавно претпријатие за патишта – раководители и инкасатори на патарини (во текот на следната година, документирани се незаконитостите на уште 25 вработени), кои во континуитет, противправно присвојувале парични средства од наплатена патарина, оштетувајќи го Фондот за магистрални и регионални патишта на РМ за околу 306 милиони денари.

 

Инаку, структурата на сторителите според возраста е следната : најголемиот број се на возраст над 51  година- 123, потоа, од 41 до 50 години- 82, од 31 до 40 години- 69 и од 21 до 30 години- 32 лица, од кои 65 се жени.

 

 

Во следната, 2008 година откриени се елементи на коруптивно однесување на 192 сторители при документирање на 80 случаи, со што бројот на откриени случаи е намален за 31% споредено со предходната година, а со откриените инкриминации е нанесена значителна материјална штета на Буџетот, акционерски друштва и други правни лица за повеќе од шест милијарди денари.

Иако бројот на откриени случаи е намален, годината ја одбележаа успешните плански акции на Министерството, спроведени за откривање на организирани криминални групи кои во подолг временски период криминално делуваа на подрачјето на целата држава и се бавеа со  нелегално производство и продажба на цигари и криумчарење на акцизни стоки, учествуваа во незаконски приватизации на претпријатија и спроведување на стечајни постапки и вршеа злоупотреба на државен капитал.

 

Имено, повеќето злоупотреби се сторени во работењето на акционерските друштва и друштвата со ограничена одговорност- 38 случаи, потоа, јавните претпријатија и јавните здравствени установи- 17 случаи, судство и правобранителство- 10 случаи, локалната самоуправа- пет случаи, а останатите се сторени во работењето на министерствата, високообразовните институции и друго.

 

Притоа, најголемиот број на пријавени лица се поранешни директори и управители на јавни претпријатија, акционерски друштва и друштва со ограничена одговорност- 52, членови на управен одбор и на одбори на акционерски друштва- 32, вработени во јавно претпријатие за патишта- 25, раководители на Одделенија, Сектори и Управи во државни служби- 13, цариници- 12, а останатите се во својство на стечајни управници, судии, градоначалници, нотари, референти, инспектори, поранешни министри и друго. Воедно, 50 од сторителите се полициски работници.

 

Во оваа година, покрај споменатите инкриминации при производство и продажба на цигари, незаконските приватизации на претпријатија и стечајни постапки, како и злоупотребите на државен капитал, повеќето останати инкриминации се однесуваат на незаконитости при спроведување на јавни набавки, односно не распишување на тендери, склучување на незаконски договори, постапување без одлуки на надлежните органи, незаконски продажби на деловен простор, инкриминации во постапки за соспственост на имот, продажба и работење со акции, издавање на кредити и друго.

 

Како позначајна планска активност, може да се издвои откривањето на „тутунската мафија“ во случајот „Пепел“, при што за повеќе сторени кривични дела од организираниот криминал, економската област, недозволената трговија и Законот за акцизи е пријавена организирана криминална група составена од 47 физички лица, кои со сторените инкриминации го оштетија државниот Буџет за повеќе од 3,4 милијарди денари.

 

Исто така, може да се издвојат и преземените мерки за откривање инкриминации при спроведување на стечајната постапка и приватизацијата на акционерското друштво „Изгрев“, во кои беа инволвирани 16 лица, помеѓу кои и судии, основачи и управители, адвокати, нотари и стечаен управник (пријавените се стекнале со противправна имотна корист од 368,4 милиони денари), како и кривичната пријава поднесена против двајца унгарски и по еден германски и грчки државјанин, кои злоупотребувајќи ги јавните функции (извршни директори во „Македонски Телеком“ АД и член на бордот на директори во друго акционерско друштво), склучиле неповолни консултантски договори со унгарска телекомуникациска компанија за вршење на услуги, со што го оштетиле претставникот на државниот капитал во споменатото акционерско друштво и Буџетот на Р.Македонија за повеќе од 114 милиони денари.

 

Сторителите на овие дела се на возраст од 41 до 50 години – 98 лица, над 50 години- 51 лица ,  од 31 до 40 години- 37 и шест од 21 до 30 години, од кои 27 се жени.

 

Во десетте месеци од 2009 година, откриени се 70 (во споредба со 71 за истиот период 2008 година) вакви случаи во рамките на кои се сторени инкриминации од 182 (155) лица, кои злоупотребувајќи ја службената положба го оштетиле Буџетот на РМ и акционерски друштва за повеќе од 687 милиони денари (над две милјарди денари).

 

Притоа, пријавените сторители незаконитостите ги сториле во работењето на акционерски друштва- 12 случаи, понатаму, во единици на локална самоуправа- 12 случаи, трговски друштва- 10 случаи, јавни претпријатија- девет случаи, во друштва со ограничена одговорност  - осум случаи, како и во работењето на други државни служби и правни субјекти.

 

Инаку, сторителите се во својство на : директори ( на акционерски друштва, друштва со ограничена одговорност, јавни претпријатија и установи и земјоделски комбинати) -22 лица, управители (во акционерски друштва, друштва со ограничена одговорност и трговски друштва)- 17 лица, 14 се поранешни градоначалници, по осум се судии и стечајни управници, по петорица се во својство на членови на Управни одбори во АД и претседатели на Управни одбори, а останатите се адвокати, судски извршители, началници во Генералштаб, претседатели во Комисии за јавни набавки, вработени во Основен суд и членови на комисија, јавен правобранител, заменик-јавен правобранител, хирург, нотар, претседател во Основен суд и други.  

Покрај овие, 24 од сторителите се јавуваат во својство на вработени службени лица во Јавни претпријатија, Фондови, локална самоуправа, Управа за јавни приходи, Јавна здравствена установа и Здруженија.

Исто така, како сторители на овие дела се јавуваат и 41 полициски службеник.

 

При реализација на овие случаи, утврдено е дека сторителите незаконски воделе постапка за денационализација, фалсификувале одобренија за сеча на дрва, незаконски продавале недвижни имоти, не распишувле јавни тендери за набавка на опрема, градежни и канцелариски материјали, неосновано продавале шуми и исплатувале средства врз основа на непостоечки фактури, фалсификувале документација за плати и приноси за вработени, склучувале неповолни договори за изведување на градежни работи, постапувале спротивно на Законот за стечај и Законот за просторно и урбанистичко планирање, склучувале незаконски договори за продажба на деловни простории и договори за одржување на пловни објекти и неосновано го продавале капиталот на акционерските друштва.

 

Позначајните случаи од оваа област во оваа година се откриени од Одделот за организиран криминал, па така и случајот со кој е нанесена најголема материјална штета на Буџетот на РМ.  Во овој случај, кривично се пријавени три лица -поранешни претседател на управен одбор, генерален и извршен директор на АД „Треска Мебел“ од Скопје кои спротивно на Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал склучиле договори за продажба на 20 деловни простории на АД „Треска Мебел“ лоцирани на територија на поранешните југословенски републики. Со оглед дека споменатите простории не биле опфатени во постапката за трансформација на друштвото, подоцна не биле преземени и пренесени на Агенцијата за приватизација на РМ, со што ја оштетиле истата за повеќе од 129 милиони денари.

 

Старосната структура на пријавените сторители е следната: 91 се над 51 годишна возраст (26 се над 60-годишна возраст), 46 се на возраст од 41 до 50 години, 39 се од 31 до 40 години и шест под 30-годишна возраст. Помеѓу сторителите на овие злоупотреби се регистрирани и 21 жена. 
Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk