Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

03.12.2009 Се засилуваат капацитетите во борба против трговија со луѓе
Обучени 280 полициски службеници за рано идентификување и профилирање на жртви
   


Министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на одделот за политички и правни прашања при делегација на ЕК Патрик Паке и шефот на мисијата на ИОМ Ана Ева Радичети, утринава во Центарот за обука во Идризово го промовира проектот за Техничка асистенција за јакнење на капацитетите на релевантните страни вклучени во борба против организираниот криминал, со фокус на трговијата со луѓе финансиран од Европската Унија.

Тројцата се согласија дека обуката на полициските службеници за раноидентификување и профилирање на жртвите на нелегалната трговија со луѓе, заедно со подобрувањето на меѓуинституционалната соработка  е од исклучителна важност за подигнување на ефикасноста во борбата против овој вид на криминал.

Денешната промоција претставува завршување на првиот модул за обука на 280 полициски служебици и почеток на вториот сегмент наменет за специјализираните единици. Во прилог ви го доставуваме интегрално обраќањето на министерката Јанкулоска


Почитуван г.Паке,

Почитувана г-ѓа Радичети,

Почитувани Колеги,

Дами и Господа,

 

 

Дозволете ми на почетокот во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и во мое лично име да го поздравам  промовирањето на активностите во рамки на проектот –Техничка асистенција за јакнење на капацитетите на релевантните страни вклучени во борбата со организираниот криминал, со фокус на трговијата со луѓе.

 

Ми претставува особена чест да зборувам за резултатите постигнати во рамки на овој проект кој што претставува дел од процесот на полициски реформи и е неделив сегмент од заложбите на Министерството за Внатрешни Работи за модерна,функционална и ефикасна полиција.

 

Справувањето со различните форми на организиран криминал, претставува предизвик и врвен приоритет на секоја Власт која сака да гради модерна демократска Држава.

 

Спречувањето на трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти во најраната фаза е од суштински интерес за Република Македонија поради неколку причини. Најнапред  поради безбедноста на граѓаните и стабилноста на општеството, а секако и поради сериозните последици кои овие кривични дела можат да ги имаат врз земјата.

 

Од овие причини Министерството за Внатрешни Работи и Владата на Република Македонија сериозно ги третираат овие појави, за што сведочат и позитивните оценки и извештаи од страна на Европската Комисија, Стејт Департментот на САД и Обединетите Нации. Овие извештаи се поттик Република Македонија и понатаму да ги развива инструментите и мерките за спречување на трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти со цел да одговори на новите трендови и предизвици.

 

Во рамки на овој проект иплементиран од страна на ИОМ -Меѓународната организација за миграција со техничка поддршка од Министерството за внатрешни работи, а финансиски поддржан од Европската Комисија во рамки на ИПА фондовите, од 1-ви јули 2009 година заклучно до денес реализира осум основни обуки за 280 униформирани полициски службеници од најразлични организациски единици во Министерството за внатрешни работи. Целта на овие обуки е унапредување на вештините за воочување на индикаторите за рана и соодветна идентификација на жртвите на трговија со луѓе и криумчарење мигранти со цел успешно справување со проблемот и навремена помош на жртвите и мигрантите.

 

Идните фази на проектот ќе опфатат шест специјалистички обуки за виши полициски службеници - инспектори ,командири и началници, јавни обвинители и социјални работници на следниве теми:

 

Трговија со луѓе како цел на трудова експлоатација,

Активности за борба против трговија со деца,

Трендови и предизвици при справувањето со криумчарењето на мигранти, и

Заштита на жртвите и мигрантите согласно стандардите за човекови права.

 

По специјалистичките ќе следат четири обуки во рамки на Третиот модул именуван како обуки за унапредување на интегрираниот пристап, на кои покрај претставниците од горенаведените профили ќе учествуваат и Невладиниот сектор и трудови инспектори.

 

Проектот има за цел да ги зголеми капацитетите на македонските државни институции во делот на  заштитата на жртвите на новите форми на експлоатација кај нелегалната миграција, пред се трговијата со луѓе и криумчарењето на мигранти како и во борбата со организираниот криминал.

 

Сите предвидени активности во целост го поддржуваат процесот на државата за усогласување на стандардите на Европската Унија и се во насока на спроведување на приоритетите утврдени во Националната стратегија за Борба против Трговија со Луѓе и Резолуцијата на Миграциската политика.  

 

Ми претставува особено задоволство во оваа прилика да се заблагодарам за одличната поддршка што  Министерството за внатрешни работи ја добива од Меѓународната Организација за Миграции и од Европската комисија како и од останатите партнери од меѓународната заедница во имплементирањето на суштинските приоритети.

 

            Почитувани,

 

Ве уверувам дека во наредниот период посветеноста на Владата и на Министерството за внатрешни работи за спречување на ова модерно ропство ќе продолжи со несмален интензитет, а најдобар доказ за оваа заложба се предвидените проекти и активности како на Министерството така и на Националната Комисија во соработка со своите партнери од другите држани институции и од Невладиниот Сектор.

 

Имајќи ја во вид досегашната заложба и успешно спроведените проекти во рамки на Националниот план, а во  надлежност на сите институции и организации вклучени во неговата реализација, може да се заклучи дека борбата против насилството и трговијата со луѓе останува еден од значајните параметри со кои се мери евро-атлантската перспектива на Република Македонија.

 

 

Ви благодарам.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk