Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

02.12.2009 Проект за регулирање на државјанства и лични документи
Јанкулоска: “ Должност на државата е на сите свои граѓани овие права да им ги овозможи“

Отпочнувањето на втората фаза од Проектот за регулирање на државјанствата и обезбедување документи на локални жители и бегалци, што се реализира во соработка со УНЦХР, а финансиски поддржан од Европската комисија, не само што ја потврдува решеноста на македонските институции за целосно општествено интегрирање на овие групи граѓани, меѓу кои првенствено се издвојуваат малцинските етнички заедници како Ромите, Ашкалиите, Египќаните, туку наедно ќе овозможи интензивирање на таквите напори во наредниот период. Ваквата оценка, практично, беше заеднички констатирана на денешната средба во МВР а посветена токму на отпочнувањето на втората фаза на проектот.

“Поседувањето документи за лична идентификација е една од основните потреби на граѓанинот со цел остварување на неговите права загарантирани со закон. Должност на државата е на сите свои граѓани овие права да им ги овозможи едуцирајќи ги и информирајќи ги за начинот и постапката за стекнување документи за лична идентификација“, истакна меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето обраќање во рамките на средбата. Притоа министерката Јанкулоска презентирајќи податоци за ефектите од првата фаза на проектот, според кои во соработка со УНХЦР во периодот од февруари 2007 до јули 2009 година беа опфатени 2.834 лица со нерегулиран престој, со недостиг на документи или недостиг на државјанство (од нив 288 воопшто не биле евидентирани во матичната евиденција на родени), нагласи дека заедничка цел на МВР и на Министерството за труд и социјална политика во соработка со меѓународните партнери и невладините организации е да се обезбеди евиденција и документација за лицата од ромската заедница, со што тие многу полесно ќе имаат пристап до социјалните и граѓански права и услуги кои им ги овозможува државата, но и зголемување на личната сигурност во овие средини.

Според претставникот на делегацијата на Европската комисија во Скопје, Лукас Мелка вклучувањето на малцинствата, а посебно на Ромите, Ашкалиите и Египќаните во земјите на Западен Балкан е најдобра инвеситиција што може да ја направи едно отворено и слободно општество за својата иднина. Од друга страна, пак, шефот на мисијата на УНХЦР во Македонија Карлос Малдонадо, истакна дека резултатите од првата фаза на проектот говорат за добрата соработка меѓу цивилното општество, властите и меѓународната заедница. “Македонија покажа дека сака да го реши проблемот со личните документи на Ромите и на другите маргинализирани групи“, потенцираше Малдонадо изразувајќи надеж оти втората фаза од проектот ќе биде уште поуспешна.

Инаку, во оваа втора фаза во која е опфатено регулирањето на престојот, државјанството и поседувањето документи за лична идентификација на припадниците од ромската заедница, се предвидува фокусот да биде ставен на градските центри Скопје, Тетово, Штип, Битола и Куманово, каде има поголема концентрација на ромската популација.

   
Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk