Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

30.11.2009 ЕУ донесе одлука за укинување на визниот режим
М-р Гордана Јанкулоска: " Остварен еден од стратешките приоритети на Република Македонија "

“Можноста за безвизно патување на граѓаните на Република Македонија во земјите на Европската Унија стана непосредна реалност. Со тоа се оствари еден стратешки приоритет на Република Македонија кој ужива широка поддршка од граѓаните, сите етнички заедници, политичките партии и граѓанското општество“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната заедничка пресконференција во Инфо центарот на ЕУ во Скопје, со шведскиот амбасадор во земјава, Ларс Петер Фреден, чија земја е претседавач со Унијата, а по повод објавената одлука на Советот на министри за внатрешни работи и за правда на ЕУ за симнување на шенгенската визна бариера за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора.

Во името на шведското претседателство, шведскиот амбасадор Ларс Петер Фреден им го честиташе визното олеснување на македонските граѓани и нагласи дека ова може да биде показател за начинот  на кој земјата треба да работи во целиот процес на приближување  кон ЕУ. Од полноќ на 18 ти спроти 19-ти декември,македонските граѓани ќе можат да патуваат без визи во сите земји од ЕУ,со исклучок на Велика Британија и Ирска. Без виза ќе се патува  и во Норвешка ,Швајцарија, и во Исланд. Предуслов за тоа е граѓанитe да имаат нови,биометриски пасоши.На оние со стари пасоши и натаму ќе им треба виза. Со денешната бриселска одлука се дополнува регулативата 539/2001 на ЕУ, односно трите земји се префрлаат од „црната“ на „белата“ Шенген листа.

Во продолжение интегрално го пренесуваме обраќањето на министерката Јанкулоска:

 

 

“Денешниот ден е особено значаен момент од поновата историја на Република Македонија. Одлуката на Советот на Европската Унија за воспоставување на безвизниот режим има историска важност за граѓаните на Република Македонија. Можноста за безвизно патување на граѓаните на Република Македонија во земјите на Европската Унија стана непосредна реалност. Со тоа се оствари еден стратешки приоритет на Република Македонија кој ужива широка поддршка од граѓаните, сите етнички заедници, политичките партии и граѓанското општество.

 

Вложивме голема енергија и труд, но со силна посветеност и целосно ангажирање на сите свои ресурси Република Македонија успешно ги заврши започнатите реформи кои беа предуслов за укинување на визниот режим и со тоа уште еднаш докажа дека Европската Унија има рамноправен партнер на овие простори. Исполнувањето на наведените одредници е дел од севкупната наша реформа и процес на приближување кон ЕУ стандардите, а воедно и исполнување на обврските од областа на Правда, слобода и безбедност. Со дадената доверба за укинување на визниот режим Европската Унија  го верификува остварениот прогрес на Република Македонија во областа на биометриските пасоши, граничното управување, миграцијата, азил, борба против организиран криминал и човековите права. Во изминатиот период успешно ги воспоставивме европските стандарди во областите кои се основа за мирот, стабилноста и просперитетот.

 

Но, не застануваме тука. Република Македонија со несмален интензитет продолжува со имплементацијата на усвоеното законодавство и предвидените реформски активности во сферата на правдата и внатрешни работи.  Воспоставувањето на безвизниот режим е обврска и дополнителен мотив за Владата, сите држвни институции, како и администрацијата за забрзано продолжување со реформите и континуирана испорака на конкретни резултати со цел унапредување на степенот на исполнување на ЕУ стандардите во македонското општество.

 

Просперитетот и благосостојба на сегашните и идни генерации македонски граѓани, преку примена на европските норми и стандарди во Република Македонија претставува наш највисок приоритет. Со воспоставувањето на безвизниот режим ќе се овозможи посилна интеракција помеѓу македонските и европските граѓани во сите сфери на живеење, а со тоа и интеграцијата на еден мирољубив народ, со богата историја и културни традиции, во европското семејство на нации е голем чекор поблиску.

 

Македонија очекува дека постигнатите реформски резултати, но и вложените напори за унапредување на односите со сите соседи, ќе бидат соодветно валоризирани од страна на земјите-членки на Европската унија и дека на крајот на оваа година Европскиот Совет ќе ја преточи препораката на Европската комисија во одлука за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.

Нашето задоволство е уште поголемо што во овој процес и на патот на реализација на европската идеја, чекориме заедно со нашите соседи и пријатели - Србија и Црна Гора. Уверена сум дека Албанија и Босна и Херцеговина, ќе продолжат со своите напори за целосно исполнување на преостанатите одредници и дека во најскоро време ќе ни се придружат на патот кон европските интеграции“.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk