Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство во Штип поднесе кривична пријава против С.А.(44), полицаец во ПС Штип за сторено кривично дело „тешка телесна повреда”, предвидено и казниво по член 131 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Пријавениот, на ул.„Маршал Тито” во Штип, без повод и причина со употреба на физичка сила- тупаници во пределот на главата, на Д.П. од Штип му нанел тешка телесна повреда со кршење на двата предни заба.
Имено, оштетениот од ноќниот бар „Кабаре”, излегол заедно со две негови пријателки, кои сакале да заминат сами дома со такси возило, на што оштетениот се спротивставувал, барајќи и тој да се качи со нив во возилото, по што настанала меѓусебна расправија. Во еден момент, позади Д.П. дошол пријавениот С.А., полициски службеник кој во тоа време бил на работа и се вмешал во разговорот со барање Д.П. да се повлече настрана. Д.П., кој бил под дејство на алкохол (1,92%) и имал оштетен вид на десното око, не забележал дека С.А. е полициски службеник и продолжил со претходните дејствија, по што настанала вербална расправија помеѓу нив двајцата, а не се исклучува можноста истиот да упатувал и навредливи зборови кон полицискиот службеник.
Бидејќи не било постапено по укажувањето на пријавениот полициски службеник, истиот со тупаница силно го удрил Д.П. во пределот на главата (устата), од чиј удар му се скршиле два предни заба. Откако, оштетениот видел дека лицето што го удрило е полициски службеник, побарал да му објасни зошто го удрил и да се легитимира, по што пријавениот лажно се претставил со име кое оштетениот го запишал на ливче хартија.
Иако, С.А. видел дека настанале телесни повреди кај Д.П., како службено лице не му пружил помош и без да преземе било какви други службени дејствија, го напуштил лице местото.
По ова, Д.П. веднаш се упатил во полициска станица-Штип, каде му било земено записник за усно поднесена претставка, по што бил упатен во медицински центар Штип заради пружање на помош и обезбедување соодветна медицинска документација.
По добивањето на Записникот за усно поднесена претставка Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, презеде мерки и дејствија за утврдување на фактичката состојба. Од извршените проверки во евиденцијата при Полициската Станица од СВР-Штип утврдено е дека во книгата за дневни настани, како и во билтенот за дневни настани за истиот ден заведен е настан „Омаловажување на униформиран полициски службеник” и е поднесено Барање за поведување прекршочна постапка против Д.П.
Инаку, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, согласно член 81 од Законот за полиција и член 1 од Уредбата за изменување на Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје изготви извештај со мислење за основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на средствата за присилба со оценка дека истата е неосновано и неоправдано употребена.
Врз основа на напреднаведеното, материјалните докази и извршените разговори со сите инволвирани лица во настанот очигледно е дека постојат елементи што го чинат битието на кривичното дело „тешка телесна повреда”, поради што е поднесена и кривичната пријава. Покрај кривичната пријава, од страна на СВКПС до непосредниот старешина каде С.А. е вработен е изречена задолжителна мерка да покрене постапка за утврдување на одговорност пред надлежната Комисија за отказ.