“Овие 40 години се години на вистинско созревање во модерна, функционална и ефикасна хелихоптерска единица. Единица опремена и подготвена да одговори на сите барања. Единица која претставува не само поддршка, туку и витален дел на секоја модерна полиција“, истакна, меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање по повод прославата на 40 – годишнината од формирањето на Хелихоптерската единица при МВР, што се одржа во Центарот за обука во Идризово.
Потенцирајќи го значајното место што оваа организациона единица го има во квалитетното функционирање на Министерството за внатрешни работи, м-р Јанкулоска посочи низа сегменти од полициското работење во коишто Хелихоптерската единица активно и секојдневно успешно ги извршува зададените задачи, почнувајќи од надзор на државната граница, обезбедување високи гости, оперативни активности како учеството во акцијата “Планинска бура“, потоа интервенции при природни непогоди, хуманитарни задачи како дотур на храна и лекови и друго.
Во тој контекст правејќи еден историски пресек од формирањето на единицата на крајот од шеесетите години до денес, министерката Јанкулоска ја истакна и континуираната посветеност за нејзиното организационо-техничко модернизирање согласно потребите и барањата на професионалните задачи.
Инаку оваа организациона единица на МВР располага со леталата “Џетреинџер 3“, “Агуста-Бел 212“,“Бел 412ЕП“, како и новите четири транспортни хелихоптери “Ми 17“ набавени на почетокот на годинава, со што повеќе од двојно се зголемиија капацитетите на единицата, и во технички, но и во персонален поглед.
|