“Словенија има голем интерес Македонија многу брзо да напредува и што поскоро да влезе во Европската унија. Словенија ќе ја поддржи Македонија на тој пат, бидејќи местото на Македонија е во Унијата“, истакна, меѓу другото, словенечкиот министер за внатрешни работи, Катерина Кресал по денешната средба со својата македонска колешка, м-р Гордана Јанкулоска. Во изјавите по средбата Јанкулоска и Кресал заеднички констатираа дека Македонија и Словенија како пријателски земји, без отворени прашања, имаат исклучителна соработка на повеќе полиња, меѓу кои и во областите правда и внатрешни работи, и дека е несомнена заложбата за натамошно интензивирање и продлабочување на таквата соработка.
Министерката Јанкулоска од своја страна, заблогодарувајќи се за огромната и искрена поддршка што Република Словенија и ја дава на Република Македонија не само по однос на процесот на визна либерализација туку и на поширок политички план во рамките на нашите евроатлантски интеграции, ги потенцираше низата крупни реформи зафати што македонското МВР ги превзема и реализираше во изминатиот период. “Република Македонија очекува напорите инвестирани во реформите и постигнатите резултати да бидат соодветно вреднувани и дека препораката на ЕК наскоро ќе прерасне во одлука за отпочнување на пристапни преговори за членство на Република Македонија во ЕУ“, истакна министерката Јанкулоска.
Јанкулоска и Кресал, исто така потенцираа дека и во наредниот период Словенија ќе ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ, ќе и помага во подготовката за имплементација на шенгенскиот информативен систем, за информатизација на регистри, а двете земји ќе ја продолжат соработката и во борбата против органзираниот криминал, трговијата со наркотици и против трговијата со луѓе. Во таа насока беше апострофирана и конкретната понуда на Словенија на нашата земја за соработка во подготовката на шенгенскиот информативен систем и за информатизација на регистри. За таа цел Словенија и донирала на Македонија три уреди за утврдување на оригиналност на документи. Исто така, на средбата министрите Јанкулоска и Кресал го потпишаа билатералниот договор за бесплатно отуѓување на движнини.
Напоредно со средбата на челните луѓе на двете министерства беше одржана и средба меѓу директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Љупчо Тодоровски со генералниот директор на словенечката полиција Јанко Горшек, на која што покрај заеднички констатираната успешна соработка во изминатиот период, беше потенцирана подготвеноста за натамошна операционализација на таа соработка во повеќе области почнувајќи од борбата против организираниот криминал и корупцијата, преку заеднички активности во рамките на регионални иницијативи, како и за борбата против трговијата дрога и со луѓе како глобални закани. Притоа двајцата директори како една од можностите на таквата плодна соработка го посочија формирањето на заеднички истражувачки тимови по однос на случаи на меѓународен организиран криминал, размена на опаритивни и други податоци и слично.
Инаку по средбата во МВР, словенечката министерка во придружба со министерката Јанкулоска беше примена од претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, а потоа челните луѓе на двете министерства го посетија Центарот за обука во Идризово, каде што министерката Кресал одржа предавање на тема – “визна либерализација“.
|