Со отпочнувањето на проектот за интегрирана база на податоци за странци, како што нагласи министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешното потпишување на билатералниот договор со Кралството Норвешка која што финансиски ќе ја поддржи неговата реализација, практично Република Македонија, односно македонското МВР влегува во фаза на реализација на уште еден проект кој што е во функција на целосно исполнување на критериумите за визна либерализација, што, наедно, е еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија. “Оваа интегрирана база на податоци за странци која вклучува азил, миграции и визи, ќе биде во согласност со најсовремените европски стандарди, ке поседува статистика за миграциските движења и ке придонесе за што подобра комуникација меѓу институциите за одговор за барањата на странците“, истакна, меѓу другото, министерката Јанкулоска во своето кусо обраќање, потенцирајќи притоа дека е од огромно значење фактот што Норвешка не само што е партнер во финансиската поддршка на проектот, туку и поради тоа што оваа земја има една од најсовремените вакви бази на податоци и од експертски аспект е можеби најсилна во оваа област.
Изразувајќи задоволство, од своја страна, амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија, Кјетил Паулсен, тој уште еднаш ја декларираше политичката поддршка што ја дава неговата Влада за евроатланските интеграции на Македонија и истакнувајќи дека Норвешка и натаму е подготвена да поддржуваат проекти во Македонија кои ќе донесат сигурно членство во ЕУ на нашата земја. “Македонија оствари значаен напредок во делот на миграциските регулативи и движења, така што целосната визна либерализација ќе се случи многу брзо“, нагласи амбасадорот Паулсен.
Инаку, интегрираниот систем претставува база на податоци за странци која вклучува азил, миграции и визи, ќе биде во согласност со најсовремените европски стандарди, ќе поседува статистика за миграциските движења и ќе придонесе за што подобра комуникација меѓу институциите за одговор за барањата на странците. Крајни корисници на базата ќе бидат министерствата за внатрешни работи, за надворешни работи и за труд и социјална политика. Проектот, ќе се реализира во две фаза - изработка на Студија на изводливост и развој и поставување на базата за странци – а, Норвешката влада, финансиски ќе го поддржи проектот со 700.000 евра.
|