Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

28.12.2009
Преземени активности во 2009 год и планирани активности за соработката со Европол во 2010 год

ПРЕЗЕМЕНИ АКТИВНОСТИ ВО 2009 ГОДИНА

Одделението за Европол во текот на изминатата 2009 година  преземаше активности за функционалнo етаблирање и  имплементација на веќе реализираните приоритети од Акцискиот план за имплементација на стратешкиот договор и започнување на преговори за потпишување на оперативен договор со Европол, а континуирано се преземаа и активности за имплементација на ROAD MAP - Планот за идни активности за имплементација на договорот за соработка со Европол и Меморандумот за разбирање за воспоставување  на безбедна комуникациска врска со Европол.

Наведените три акти преставуваа основа за Програмата за работа на Одделението за Европол за 2009 година, и со целосна реализација и имплементација на истите се создадоа услови за започнување на преговори помеѓу РМакедонија и Европол за потпишување на опертивен договор со Европол.

Со потпишувањето на Планот за идни насоки за делување и постапување заради интензивирање на соработката со Европол се продлабочи соработката меѓу МВР и Европол во делот на заедничко преземање на активности за реализирање на четири основни приоритети односно цели и тоа:

Склучување на Оперативен договор со Европол,

Олеснување на размената и протокот на информации помеѓу Европол и надлежните власти во РМакедонија преку  Одделението за Европол,

Обезбедување на потребни средства Одделението за Европол да делува како посредник помеѓу Европол и надлежните органи во РМакедонија и

Зголемување на свесноста за значењето на продуктите и услугите на  Европол во РМакедонија. 

 

Основен приоритет на постапување на Одделението за Европол беше создавањето на услови за започнување на преговори и склучување на Оперативен договор помеѓу РМакедонија и Европол. За исполнување на овој приоритет од страна на надлежните органи и институции, во координација на Одделението за Европол, беа реализирани следните активности:

Доставување на одговори на прашалниците за состојбите во областа на заштитата на лични податоци и  инспекциска посета на експерти од Европол, заради увид во административната пракса при размената на лични податоци,

Активности околу анализа и коменари на Нацрт Извештајот за состојбите во областа на заштита на лични податоци во РМакедонија

Достава на Извештајот до надлежните тела во Европол Управниот Одбор на Европол, Заедничкото надзорно тело повторно до Управниот одбор на Европол и надлежните служби на Советот на ЕУ.

На 23.10.2009 година Советот за правда и внатрешни работи при Советот на Министри на ЕУ донесе одлука да го овласти Директорот на Европол да започне преговори за потпишување на Оперативен договор за соработка со РМакедонија.

Првиот состанок за преговори за склучување на оперативен и стратешки договор за соработка меѓу РМакедонија и Европол, се реализираше во периодот од 14 до 18.12.2009 година, во Хаг -Холандија. Водејќи сметка за начинот на уредување на предметните елементи во законодавството на РМакедонија, во рамките на основите за водење на преговорите се утврдија основните прашаања за  формите на соработка, во смисла на: размена на информации (класифицирани и некласифицирани), лични податоци, како и нивна соодветна заштита; размена на офицери за врска.

 

Во врска со имплементацијата на вториот приоритет од  Планот за идни активности за имплементација на договорот за соработка со Европол, беа преземени активности за зајакнување на институционалните капацитети на Одделението за Европол, воспоставување на продуктивни и ефективни односи помеѓу Одделението за Европол со Европол, но и со компетентните национални органи за спроведување на стратешкиот договор заради поефикасна размена на стратешки и технички информации во меѓународните релации.

 

Беше донесен Правилник за постапување на Одделението за Европол во извршувањето на работите и работните задачи од делокруг на негова надлежност. Беа преземени активности и за прилагодување на регулаторната рамка за проследување на класифицирани информации, односно функционалност на Подрегистерот за класифицирани информации во Одделение за Европол за што се донесени интерни акти за постапување на Одделението за Европол, во случаите на размена на класифицирани национални и странски информации .

 

Воспоставена е безбедносна врска - линк помеѓу Европол и СМПС, Одделение за Европол за што беше потпишан Меморандум за разбирање кој ги регулира одредбите за воспоставувањето, имплементацијата и работењето на безбедната комуникациска врска за пренос на информации.

 

Со цел реализирање на третиот и четвртиот приоритет од Планот, кој се однесува на активностите за информирање на надлежните органи за продуктите, средствата и работните постапки на Европол, беа доставени  Одлуката на Советот на ЕУ за воспоставување на Европол како ЕУ агенција, програма, стратегија, листи на контакти и организациски структурни органограми.

 

Од страна на Одделението преработена е издадената Брошура за начинот на управување на информации на Европол, што е дел од пакетот нови стратегиски документи на Европол.  Брошурата содржи податоци и за улогата на Европол, процесот на управување со информации и користењето и дисеминацијата на податоците доставени до Европол. Исто така, во неа се дадени појаснувања за главните продукти на Европол во областа на размена на информации, оперативни и стратешки анализи, како и оперативната поддршка. 

 

Од страна на Европол беше доставен а потоа и анализиран и преработен Работен документ во кој се обработува целта и намената на Работните досиеја за анализа - Analysis Work Files (AWF).  Работно досие за анализа е средство преку кое Европол обезбедува поддршка за истрагите покренати од страна на надлежните органи во земјите членки на ЕУ, со помош на разузнавачки анализи, експертски совети и помош.

 

Во рамки на воспоставената соработка помеѓу МВР на Р Македонија и МВР на Австрија, во периодот од 30.03.09 до 01.04.2009 година во просториите на МВР се одржа Модул, Обука за Европол, на која  презентери за различни теми од областа на соработката со Европол беа експерти од Секторот за сериозен криминал на Европол.

 

Во периодот 20-23.04.2009 година, беше реализирана Студиска посета на преставниците од Одделението за Европол при СМПС на седиштето на Европол во Хаг, Кралство Холандија.  Цел на посетата беше остварување на директни контакти со надлежните раководители на повеќе организациони единици во Европол со цел информирање на истите за постиганите резултати на МВР на планот на стратешката соработка со Европол и договарање на идните можни области за реализирање на  конкретна оперативна соработка, како и добивање на информации за можностите за назначување на Офицер за врска во Европол и започнување на преговори за потпишување на Оперативен договор помеѓу Европол и РМакедонија.

 

Како резултат на стратешки воспоставената соработка со Европол, експерти и преставници од различни организациони единци од МВР зедоа учество на состаноците на работните групи на Европол за трговија со луѓе, фалсификување пари и други семинари, состаноци или конференции.

 

Воедно, до надлежните организациони единици доставени беа стратешки продукти – анализи, проценки, извештаи, билтени, алармни пораки, известувања  изработени од различни оддели на Европол, и тоа во делот на тероризмот, недозволена трговија со оружје и муниција, борба против пролиферација на радиоактивни и нуклеарни материи,  трговија со луѓе, илегална миграција  и сексуална експлоатација на деца,  фалсификувани банкноти и платежни картички.

 

Еден од најзначајните продукти кои беа доставени од Европол  е Процената за закани од организираниот криминал во ЕУ - EU Organised Crime Threat Assessment (OCTA) 2009. EU OCTA 2009 врши проценка на заканите од организираниот криминал во ЕУ преку анализирање на организираните криминални групи, криминалните пазари и нивното содејство во рамки на и надвор од територијални ентитети, определени како криминални жаришта. Изработени се и ОСТА West Africa 2009, Проценка на ризик за состојбите во областа на организираниот криминал за Западна Африка за 2009 година. Во овој документ опфатени се проценки за состојбите во криминалот во Западна Африка и нивното влијание на безбедноста во Европската унија.

 

 

ПЛАНИРАНИ АКТИВНОСТИ ЗА 2010 ГОДИНА

 

Во текот на 2010 година од страна на Европол и  надлежните органи и институции во РМакедонија, во координација од Одделението за Европол, како основен приоритет ќе биде склучување на Оперативниот договор за соработка. За таа цел ќе се преземат следните активности :

 

Достава за мислење на договорениот текст до стратешките  авторитети во МВР и другите органи надлежни за спроведување на договорот која е потребно да биде завршена до 15.01.2009 година

Достава на договорениот текст до Директорот на Европол

Достава на Финална верзија на договорот до Управниот одбор на Европол, и тоа за седницата во февруари  2010 год.

Достава на текстот на седница на Заедничкото надзорно тело, која се закажува ad hoc, односно нема точно утврден распоред на седници

По добивање на позитивно мислење од Заедничкото надзорно тело, повторна достава до Управниот одбор на Европол

Советот на ЕУ повторно  носи последната одлука за склучување на оперативниот договор

По добивање на известување од Европол ќе се премине кон достава и усвојување Информација од Владата на Република, со која ќе се овласти Министерот за внатрешни работи во име на РМакедонија да го потпише Договорот за соработка

Церемонија на Потпишување на Договорот која вообичаено е во земјите , односно во РМакедонија.

Изработка на  предлог - Закон  за ратификација на Договорот за соработка и истиот ќе влезе во формална процедура на усвојување во РМакедонија;

По усвојувањето на Законот за ратификација на Договорот за соработка, РМакедонија со писмо го известува Европол, по што Договорот стапува на сила.

 

Со оглед на интересот на Република Македонија за склучување на Договорот во текот на 2010 година ќе биде потребна континуирана поддршка од страна на надлежните авторитети во МВР за брза  реализација на сите предвидени активности.

 

Со склучување на оперативниот договор ќе се зголеми размената на информации помеѓу Европол и надлежните органи од Република Македонија, поради што ќе биде неопходно институционално зајакнување на капацитетите на Одделението за Европол односно:

 

Доекипирање на СМПС, Одделение за Европол со професионален кадар, согласно условите од Правилникот за систематизација на МВР и Правилникот за организција на работните места во МВР;

Едукација, обука на ново примениот кадар и професионално усовршување на постоечкиот кадар од Одделението за што во 2009 год. доставени се апликации за студиски посети и работилници преку Владата до TAIEX;

Назначување на Офицер за врска на Република Македонија во Европол и преземање на сите потребни правни и организациски активности за избор на квалитетен професионелен претставник;

Зајакнување на авторитетот  на СМПС, Одделение за Европол за да ги координира барањата и одговорите на Европол и одговорите со слични барања и одговори разменети преку другите канали на меѓународната полициска соработка (пр SECI и Interpol);

Овластување на СМПС, Одделение за Европол да поставува крајни рокови до задолжените органи за постапување по барања на Европол, согласно потпишаните Анекси на Протоколите за соработка помеѓу МВР и Царинската Управа и Управата за финансиска полиција и Правиликот за постапување на Одделението за Европол

Овозможување на директен пристап до националните разузнавачки и административни системи и бази на податоци на СМПС, Одделение за Европол. 

 

Потпишувањето на Оперативниот договор ќе овозможи поефикасна оперативна соработка и размена не само на стратешки и технички информации, туку и оперативни информации со лични податоци и директно учество на Република Македонија во Аналитичките работни досиеја на Европол за што е потребно во 2010 година да се преземат активности за анализа на потребите на Република Македонија за учество во овие Работни досиеја на Европол и тоа преку трета земја - Словенија или директно по потпишување на оперативен договор и да се започне со достава на инфромации во избраните досиеја.

 

Во текот на наредната година ќе се продолжи со  информирање на надлежните органи за продуктите, средствата и работните постапки на Европол.  Предвидена е достава на  информации во однос на постапките и барањата кои се однесуваат на различни области на соработка:

 

Имплементација на Одлуката на Советот на ЕУ со која Европол од 2010 е агенција на ЕУ;

Нова Стратегија на Европол;

 

Приоритети и Програма за работа на Европол;

Полициско работење засновано на разузнавање;

Методологија за OCTA (подготовка и начин на  користење);

Најдобри пракси за ракување со информатори;

Информациски системи;

Постапки за размена на информации со партнери за соработка;

Документи во врска со заштита на податоци, доверливост и безбедност;

Нови контакт податоци за сите организациони облици на Европол доставени од Европол ќе се проследат до сите надлежни органи во Република Македонија;

Достава на преглед и распоред на сите настани (вклучително и за обука) кои ќе се организираат во Европол во текот на 2010 до сите надлежни органи во Република Македонија, со цел присуство и учество на поважните настани на преставници од Република Македонија;

Достава на ажурирани релевантни оперативни проекти на ЕВРОПОЛ (AWF`s).

 

Реализацијата на наведените предвидени приоритети со оваа програма за работа на Одделението за Европол ќе придонесат  кон интензивирање на соработката со Европол и поголемо оперативно учество во активностите на Европол, но и користење на услугите, продуктите на Европол од страна на надлежните органи во Република Македонија со цел зајакнување на нивните оперативни капацитети и поефикасни реализации во сите области на криминалитетот.

 

 

 

 

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk