Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

24.12.2009 Утрински весник
На Бит-пазар се продава кутија „пиратки“ за 80 денари. Казната за нивна употреба е од 200 до 500 евр


 

На Бит-пазар се продава кутија „пиратки“ за 80 денари. Казната за нивна употреба е од 200 до 500 евра

 

„Земи го пакетот за 80 денари. Што друго ти треба, имам пиратки, ракети, огномет. Ајде, за цена не грижи се, ќе се договориме“. Момче кое нема повеќе од 12-13 години на Бит-пазар во Скопје ги убедува заинтересираните, но и случајните минувачи да купат од петардите и од другите пиротехнички средства што ги продава. Стоката што ја нуди, а која не смее да се продава освен во специјализирани продавници, момчето ја распослало на импровизирана маса во почетокот на пазарот. Речиси во целата должина на пазарот, конкуренција му се уште неколку продавачи, кои јавно и без страв ја нудат забранетата стока. Кутија од 100 петарди „пират“ се нудат до 100 денари, а со пазарење цената паѓа до 80 денари, ракетите можат да се набават и за 250 денари.

Но, признаваат дека се' потешко оди набавката, пред се', бидејќи Бугарија и Косово, кои важеа за шверцерски центри за оваа стока, сега ги имаат засилено контролите на границите. „Бугарија е во Европа, Косово е независно, па има силни контроли, ама се снаоѓаме, петарди имаме постојано. Кажи какви сакаш“, ни вели момчето.

Полицијата врши редовни контроли особено на делот на Бит-пазар. Но, иако заплените на пиротехнички средства не се мали, сепак, со уличните продавачи ретко некој ја добил „војната“. „Досега спроведовме неколку успешни акции, при што беа запленети 600.000 парчиња петарди и друга пиротехника“, велат од МВР. Тие апелираат до граѓаните да не употребуваат експлозивни средства во пресрет на новогодишните и божикните празници, пред се', поради својата безбедност. Пиротехниката што се продава на улиците, пазарите, тезгите, во најголем број не е испитана, квалитетот е сомнителен, па поради тоа не се ретки повредите за време на новогодишните празници. Пазарите вообичаено се преплавени со шверцувани пиротехнички средства, кои, главно, се од кинеско производство.

Експлозиите на петардите често оставаат трајни последици врз луѓето: изгореници, контузии, оштетен вид, па дури и ампутации. „На синот на мојата пријателка за малку ќе му пукнеше петарда в рака“, раскажува една скопјанка што пазареше на Бит-пазар.

Граѓаните велат дека годинава не се слушаат петардите како минатите години кога пукотниците одѕвонуваа пред зградите, во влезови, пред продавници, во парковите... „Одвреме-навреме ќе се слушне некоја петарда, ама, главно, е мирно. Мислам дека изминува филмот со петардите. Се надевам дека вака ќе продолжи овој период“, вели една жителка на населбата Кисела Вода.

И во МВР потврдуваат дека годинава речиси нема пријавено случај во кој граѓаните имаат сериозни повреди од употреба петарди или од други пиротехнички средства. Од друга страна, пак, дел од граѓаните се жалат дека тројца повозрасни момчиња секојдневно имаат свое „шоу“ кај Транспортниот центар под Железничката станица во Скопје. „Ги плашат граѓаните пред автобусите. Кога ќе експлодира тоа што го палат, мислам дека се ракети, се' се тресе неколку минути“, велат граѓани што се јавија во нашата редакција.

За граѓаните што ќе употребуваат пиротехнички средства се предвидени парични казни од 200 до 500 евра, додека родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра, доколку нивните деца пукаат петарди.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk