07.12.2009 Утрински весник
Без паника - старите лични карти ќе важат до 2012 година
Без паника - старите лични карти ќе важат до 2012 година
Април 2012 година е краен рок и за менување на старите пасоши со нови
Старите лични карти ќе важат до 2012 година. Министерството за внатрешни работи (МВР) даде позитивно мислење по иницијативата на Народниот правобранител доставена до Владата на РМ за пролонгирање на рокот за замена на старите лични карти со нови, па жешките линии на телефонот за аплицирање би требало да здивнат. Граѓаните добиваат можност личните документи да ги извадат до април 2012 година, кога е крајниот рок и за менување на стариот пасош со биометриска патна исправа. Од МВР велат дека пролонгирањето не значи дека граѓаните треба да се олабават и повторно да чекаат „5 до 12“.
Началниците на управните служби во секторите за внатрешни работи и раководителите на Секторот за информатика и на Центарот за персонализација на личните податоци на МВР дадоа зелено светло за пролонгирање на крајниот рок, па сега се очекува Владата да ги прифати предложените измени во Законот за лични карти.
„Граѓаните што имаат закажано за нова лична карта треба да ја водат процедурата. Тие што се' уште не закажале, пак, нека вртат на 080019292 за навреме да го извадат документот за идентификација. Сите се должни до април 2012 година да имаат нови лични карти“, велат од МВР. Граѓаните на кои во меѓувреме им истекува важноста на личната карта, а не успеале да аплицираат, МВР ќе се обиде да им излезе во пресрет преку закажување посебни термини.
Од МВР велат дека одлуката за пролонгирање ја донеле и поради ситуацијата со грипот Х1Н1, барањата на повеќе институции и организации, како и зголемениот интерес за аплицирање за нов биометриски пасош по донесувањето на одлуката за укинување на визниот режим од 19 декември. Заедно со личните карти до април 2012 година треба да се заменат и старите пасоши со нови.
МВР се обидува и да им помогне на лицата над 80 години, со тоа што им се овозможува да аплицираат на мобилните станици без да треба лично да доаѓаат во управните служби.
„Оваа можност досега ја имаа само болните и хендикепирани лица, но набргу ќе ја има и популацијата што има над 80 години и на подрачјето на Скопје таа брои над 13.000, додека на ниво на држава повеќе од 50.000 лица. Тоа ќе се постигне преку оптимално рационализирање на работењето на мобилните станици, односно преку директни контакти и посети на домовите за стари и изнемоштени лица, пензионерските здруженија или здруженијата на лица со хендикеп“, велат од полицијата. Потсетуваат дека лицата со инвалидитет не мора лично да доаѓаат за аплицирање, туку е доволно само да се јават и да побараат посета од мобилна екипа.
Назад