Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

03.12.2009 Дневник
Документи и за неевидентираните Роми

Документи и за неевидентираните Роми

 

Во Македонија живеат 288 Роми кои никогаш не биле заведени во Матичната книга на родени, 176 од нив се родени во домашни услови и нивното раѓање не е пријавено, а за 112 лица не е пријавено лично име, покажуваат истражувањата на УНХЦР и на МВР

Живеат без документи од ден за ден, не можат да се вработат, да остварат социјална заштита или какви било други права. Собираат стара хартија, железо, работат на црно, се занимаваат со сива економија, просат и претураат по ѓубришта. Најголем проблем им е лекувањето. Децата не одат на училиште, ниту ги примаат задолжителните вакцини. Голем број од нив живеат во импровизирани картонски куќи, а населбите во кои живеат се во преградија и не се урбанизирани. Ретко кој од нив има вода и струја. Живеат покрај ѓубре што другите го фрлаат. Едно семејство има и од 10 до 15 члена и живее во една соба. Многумина се бездомници, повеќето без документи и неписмени. Ваквата слика за Ромите треба да биде минато по реализација на втората фаза од „Проектот за општествена вклученост на маргинализираните групи од ромската заедница“, финансиран од Европската комисија. Со Проектот ќе се регулираат престојот, живеалиштето, државјанството и поседувањето документи за лична идентификација на Ромите, Ашкалиите и Египќаните како припадници од ромската заедница. Најголем дел се доселени во 70-тите години од минатиот век, дел по распаѓањето на поранешна СФРЈ и војната во Косово.

Повеќето без документи и неписмени. Иако секое новороденче мора да се пријави, тие не го прават тоа. Некои зашто и самите не се евидентирани, а другите најверојатно оти се неуки или постапката им е скапа.

Првата фаза на проектот траела од февруари 2007 до јули годинава.

- Поседувањето лични документи за идентификација е една од основните потреби на граѓаните за остварување на нивните права што им се загарантирани со закон. Должност на државата е на сите свои граѓани да им ги овозможи овие права и да ги едуцира и информира за постапката за стекнување документи за лична идентификација - изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Со почнувањето на проектот за регулирање на државјанствата и обезбедување документи на локални жители и бегалци од страна на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци во Скопје (УНХЦР), Информативниот центар за граѓанско општество, МВР и Министерството за труд и социјална политика, во земјава биле регистрирани 2.834 Роми, кои статистички не постоеја. Нив ги немало во официјалната евиденција на државата и не поседувале никаков документ за идентификација.

Според истражувањето, 288 Роми никогаш не биле заведени во матичната книга на родените. Од нив, 176 се родени во домашни услови и нивното раѓање не е пријавено, а за 112 лица не е пријавено лично име. Мнозинството од овие лица се идентификувани во скопската населба Шуто Оризари. За овие лица постои законска рамка тие да станат македонски државјани.

Претставникот на УНХЦР во Македонија, Карлос Малдонадо, истакна дека резултатите од првата фаза на Проектот покажуваат дека постои добра соработка меѓу цивилното општество, властите и меѓународната заедница.

Според него, проблемот на лицата без документи и државјанство се појавил како резултат на распадот на поранешната СФРЈ.

- Македонија покажа дека сака да го реши проблемот со личните документи на Ромите и на другите маргинализирани групи - изјави Малдонадо.

Претставникот на Делегацијата на Европската комисија во Скопје, Лукас Мелка, рече дека општото вклучување на маргинализираните малцинства во земјите на Западен Балкан е најдобра инвестиција што може да ја направи едно отворено и слободно општество за својата иднина.

Според Јанкуловска, со овој проект се овозможи стекнување граѓански статус и нивна евиденција.

- Во текот на работата се покажа дека другите лица имаа лична документација, но не ја поседуваа во моментот поради загубени документи, истечен рок на документите, или поседуваа документи без важност, така што тие не фигурираа како неевидентирани - рече Јанкулоска.

Во втората фаза од Проектот се предвидува да се обезбеди евиденција и документација за лицата од ромската заедница што живеат во Скопје, Тетово, Штип, Битола и во Куманово, со што многу полесно ќе имаат пристап до социјалните и граѓанските права и услуги што државата им ги овозможува, а со тоа ќе се зголеми и општата и нивната лична безбедност.

Суад Мисини од Истражувачкиот центар за граѓанско општество нагласи дека Центарот е отворен во секое време да им понуди правна помош на сите граѓани што имаат проблем со личните документи или со регулирањето на државјанството.

За две години 1.690 Роми со документи

Во првата фаза од Проектот за општествена вклученост на маргинализираните групи од ромската заедница биле завршени 2.773 постапки за издавање документи на 1.690 Роми. Од нив, 1.298 биле државјани на Република Македонија, 128 се лица што во земјава живеат повеќе од десет години, 73 се странци и добиле дозвола за привремен престој, 191 се баратели на азил, бегалци и раселени лица од Косово.

 

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk