Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

23.11.2009
Зголемени казните за несовесните возачи

Дневник

Зголемени казните за несовесните возачи

 

Со предложените измени и дополнувања на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, се предвидува зголемување на досегашните казни за одредени прекршоци, а ќе се казнуваат и учесниците во сообраќајот за кои досега не беа предвидени глоби

Заштитните кациги, наместо во багажникот на мотоциклот или обесени на рачките од управувачите, ќе мора да бидат на главите на возачите доколку не сакаат да добијат казни, а повисоки казни од досегашните ќе плаќаат и возачите што ќе бидат фатени дека возат, а на кои им се одземени возачките дозволи, се предвидува со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата. Со предложените измени и дополнувања на законот се предвидува зголемување на досегашните казни за одредени прекршоци, а ќе се казнуваат и учесниците во сообраќајот за кои досега не беа предвидени казни. Предлог-законот, кој беше утврден неодамна на седница на Владата, се очекува да биде изгласан во Собранието.

КАЦИГИТЕ НА ГЛАВА

Повисоки казни од досегашните ќе плаќаат возачите на моторни возила што ќе бидат фатени без важечка возачка дозвола, странска или меѓународна возачка дозвола. Тие наместо 300 ќе плаќаат по 400 евра глоба во денарска противвредност, а која се однесува и на лицата што управуваат трактор без важечка возачка дозвола за една од возачките категории или поткатегориите.

Возачите на кои им е одземена возачката дозвола, а кои ќе бидат фатени дека возат во текот на траење на забраната или за периодот за кој им е одземена дозволата, наместо 300 евра, ќе платат 500 евра казна.

Глоба од 500 евра ќе треба да плати возач што ќе биде фатен дека вози под дејство на алкохол, а кој ќе одбие да му биде направен алкотест. Освен паричната казна, возачот ќе добие и прекршочна казна забрана за управување со моторно возило од 12 месеци.

Со предвидените измени на законот, казна од 35 евра во денарска противвредност ќе плаќаат возачите и лицата што се превезуваат со мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли за време на возење на патот, а не носат заштитен шлем на глава. МВР го допрецизира членот 98 од Законот, според кој досега беше задолжително носењето заштитен шлем за време на возење на патот, но не и на глава.

Глоби за погрешно запирање, односно паркирање на возилата ќе плаќаат и сопствениците на истите доколку не се утврди идентитетот на возачот што го паркирал истото. Според предвидените измени, казни од 25, 45, 200 и 250 евра во денарска противвредност, во зависност од прекршокот што се однесува на забраната за паркирање, ќе плаќаат и сопствениците на возилата независно дали го возеле возилото. Исто како и казнетите возачи, и сопствениците на возилата ќе може да ги заменат глобите од 25 и 45 евра со впишување во возачката книшка на 15, односно 25 негативни бода.

ГЛОБИ И ЗА ВОЗАЧИ НА ТРИЦИКЛИ

Со новите предложени решенија се врши соодветно санкционирање на одредени прекршоци за кои досега не беше предвидена глоба, па казни ќе плаќаат и лицата што не ги исполнуваат условите да управуваат со работна машина, мотокултиватор, велосипед со помошен мотор, мопед, лесен трицикл и четирицикл.

Казна од 200 евра ќе платат оние лица што ќе бидат фатени дека управуваат вакви возила, а кои немаат наполнето 16 години, односно 14 години за велосипед со мотор, кои немаат лекарско уверение или не положиле возачки испит за познавање на сообраќајните знаци и правила на сообраќајот.

Постапувајќи по укажување на Министерството за здравство, потврда за оспособеност за укажување прва помош на кандидати за возачи ќе може да издаваат Црвениот крст на Македонија и здравствени установи овластени од Министерството за здравство, а кои треба да имаат соодветна просторија, опрема и кадар.

Според МВР, една од причините поради која се предлага изменување и дополнување на законот е потребата од негово натамошно допрецизирање и континуирано подобрување на степенот на безбедноста во сообраќајот.

- Безбедноста на сообраќајот на патиштата претставува една од основните надлежности на МВР, кое во процесот на практичната примена на предметниот закон ја согледа потребата од модификација на одделни одредби, со цел нивно усогласување со одредени закони донесени во периодот по влегување во сила на Законот за безбедноста на сообраќајот. Предвидени се и подобрувања на одредени решенија во Законот по укажувањата на други министерства што се јавуваат како носители на конкретни активности во областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата - велат од МВР.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk