Дневник
Условите и начините за влез со намена за работа, студирање или подолг престој ќе се разгледуваат во сообразност со Законот за странците, а државјаните на Македонија ќе мора да ги добијат сите потребни дозволи пред влез во Словенија, како што тоа го правеа досега, вели министерката Кресал
Македонските граѓани со голема надеж го очекуваат денот Д - 19 декември, кога треба да падне шенгенскиот визен ѕид. Што тоа практично ќе значи за македонскиот граѓанин кога ќе дојде на некој граничен премин и дали сте подготвени за целосна примена на новиот визен режим?
- Словенија ја поставува соработката со државите од Западен Балкан и процесот за визна либерализација меѓу приоритетите во својата работа. Словенија беше меѓу поттикнувачите на процесот за визна либерализација за државите во регионот и исто така константно и постојано ги поддржува при спроведувањето на реформите за исполнување на потребните критериуми. Не' радува тоа што Македонија беше првата држава во регионот што ги исполни сите услови за воспоставување на визната либерализација.
Словенија предложи безвизниот режим да почне на 19 декември 2009 година. Преминувањето на шенгенските граници без визи би било можно за оние државјани кои ќе имаат биометриски пасоши. За оние што ќе имаат стари пасоши, за преминување на границите ќе биде потребна виза.
Државјаните на Македонија за престој што нема да трае подолго од три месеци во период од шест месеци, покрај поседување важечки пасош, ќе мора да исполнуваат и некои други услови за влез, на пример, да ја образложат намената и условите за престојот, да имаат доволно средства за преживување во времето на престојот и за патувањето назад. Секако, за лица што би сакале да ја преминат шенгенската граница не смее да има распишана мерка во СИС (Schengen information system) за одбивање влез и не смеат да претставуваат закана за јавниот ред, внатрешната безбедност или меѓународните односи. Граничната полиција, исто така, од државјаните на Македонија може да бара докази за исполнување на набројаните услови. Документите што може да ги бараат, зависно од намената на патувањето, се на пример гарантно писмо, различни покани за гостување или потребни резервации од разни организатори, докази за резервирани сигурни престојувалишта, односно сместување, студентски легитимации и потврди за тековните уписи, повратни или циркуларни билети. Доказите за доволни средства за преживување и престој ќе се оценуваат според траењето и намената на престојот, кои може да бидат во готовина, патни чекови или кредитни картички.
Уште еднаш би сакала да потенцирам дека сите државјани на Македонија кои по воведувањето на визната либерализација ќе патуваат во Словенија треба да бидат свесни дека за преминување на границата треба да ги исполнуваат сите претходно наведени услови. Бидејќи така нивното патување ќе биде успешно и пријатно.
Дали визната либерализација ќе значи нова политика кон имигрантите, односно преземање на построги мерки?
- Миграциската политика нема да се промени. Условите и начините за влез со намена за работа, студирање или подолг престој ќе се разгледуваат однапред во сообразност со Законот за странците. Државјаните на Македонија ќе мора, во согласност со важечкото законодавство на Република Словенија, да ги добијат сите потребни дозволи пред влез во Словенија, како што тоа го правеа досега. Тие дозволи може да им ги направи и трета личност, но важно е личноста за која се вади дозволата, во случајот државјанин на Република Македонија, во времето додека трае постапката за добивање дозвола да не се наоѓа во Словенија. Ако се воспостави дека лицето што е во постапка за издавање на прва дозвола за престој веќе живее во Република Словенија, тоа може да биде причина за забрана за издавање на дозволата. Важен е и податокот дека политиката за легални миграции е многу специфична, постапките многу се разликуваат од држава до држава, затоа вреди пред влез во друга држава на ЕУ да се информирате во нивните амбасади, какво е таму моменталното важечко законодавство. Упатствата што ги давам важат само за Словенија.
Ќе сакате ли да ја оцените соработката меѓу двете министерства и да ни ги кажете областите на идната соработка?
- Соработката меѓу Словенија и Македонија ја оценувам како многу добра. Во билатералната соработка меѓу словенечката и македонската полиција нема тешкотии или посебни отворени прашања. Експертите на нашите министри соработуваат и во рамките на најразновидни регионални проекти на полето на внатрешните работи. Многу добро соработуваме во рамките на процесот „Брдо“, што го води Словенија, во рамките на другите проекти, пак, како одличен пример на добра соработка би ја навела групната соработка во проектот ILECU’s, за воспоставување центри за координација на меѓународната соработка на државните органи на шест држави од Западен Балкан, бидејќи словенечките претставници се задолжени за соработката со македонската полиција за пренос на добри знаења, практика и стандарди.
Токму така, двете држави многу добро соработуваат при воспоставувањето на електронскиот матичен регистар во Република Македонија.
Очекувам средбата со министерката Јанкуловска само да ја поттикне понатамошната добра соработка. Со министерката потпишуваме и договор, со кој словенечката полиција ќе и' отстапи на македонската полиција три направи за проверување на автентичност на документи, за кои на последната средба се договорија шефовите на двете полиции.
Македонија има статус на кандидат за членство во ЕУ. Очекуваме и веруваме дека датумот за почеток на преговорите ќе биде донесен во наредните недели. Затоа во иднина на македонските колеги ќе им помагаме при задачите што ги чекаат и со задоволство ќе им ги предадеме нашите искуства при преговорите за влез во ЕУ.
Може ли и Словенија да примени нешто од македонското искуство?
- Македонија во процесот за визна либерализација покажа високо ниво на истрајност и посветеност на реформите, што секако е доблест која никој не може да ја оспори.
Кој е најголемиот ваш професионален предизвик во еден поширок регионален контекст?
- Воспоставувањето стабилност во регионот на Западен Балкан е од големо значење за сигурноста и мирот во целокупниот европски простор. Словенија е многу свесна за тоа. Во рамките на процесот „Брдо“, кој в година ќе ја слави десетгодишнината од своето работење, со разни проекти ја зајакнуваме соработката меѓу државите во регионот. Секоја година на средба на министрите ја оценуваме нашата работа и зацртуваме насоки на работа за во иднина. Во последно време бевме навистина многу активни на полето на визната либерализација, додека во исто време течат уште два други обемни проекта. При проектот „Пренос на добри практики на полето на борба против тероризмот во Југоисточна Европа“, каде што во моментов претседава Советот на ЕУ, со помош на словенечки експерти им помага на државите од Западниот Балкан при преносот на девет од 16 препораки за успешна борба против тероризмот. Втор е проектот „Групни оцени за загрозувањето поради организираниот криминал во југоисточниот европски регион“ (SEE OCTA), кој го следи концептот на EU OCTA.
Во иднина би сакале поголемо внимание да и' посветиме на борбата против трговијата со луѓе, бидејќи тоа поле беше идентификувано како едно меѓу тие од најголема итност. Во таа рамка ги истражуваме правните и оперативните барања во рамките на воспоставување групни истражувачки тимови (JITs - Joint Investigation Teams).
Вашата земја од Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста беше критикувана главно за две прашања: третманот на Ромите и за барателите на азил. Дали Владата презеде некои чекори во насока на примена на препораките од ЕКРИ?
- Проблематиката за азил ја следиме секојдневно, на ситуацијата се приспособуваат мерките и одлуките, кои се законски и изложени на судска контрола. Критиките, кои генерално ги наведувате во прашањето и би се однесувале на конкретни работи, нам не ни се познати. Токму за тоа во Словенија течат некои проекти во соработка со УНХЦР и други невладини организации, кои такви заклучоци не донеле.
Работата е тоа што во последно време ја подобривме соработката со невладините организации, кои работат на тоа поле во Словенија. Во моментов ја подготвуваме измената на законот на тоа поле, при подготвувањето на измените и дополнувањата, во работните групи активно соработуваат и невладини организации. Сите предлози и забелешки се разгледувани во аргументирани расправи.