Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

17.11.2009
МВР апси - карванот си врви

Нова Македонија

МВР апси - карванот си врви

 

Поголеми количества запленета дрога, повеќе наркодилери зад решетки, но во реалноста, на улиците дрога колку што сакаш.

Пет милиони евра е вредноста на дрогата што МВР успеало да ја заплени во првите девет месеци од годинава, покажуваат анализите на Министерството. Домашните наркодилери останаа со куси ракави и со полупразни џебови благодарение и на соработката на полицијата со нивните колеги од Балканот, со чија помош беа пресечени четири меѓународни канали за шверц и беа запленети импозантни количества дрога, пред сé, хероин.

За жал, и покрај успесите на МВР, локалните наркобосови секогашуспеваат да бидат еден чекор пред полициските службеници, пред сé, поради доходовноста на овој вид криминал. Тие секојдневно регрутираат нови ситни дилери и „мазги“што ќе им помогнат при шверцот на дрогата и при продажбата на улиците во Македонија и секогаш се подготвени да ги жртвуваат. Тоа го докажува фактот што покрај неколкуте стотици криминалци фатени во земјава, годинава во земјите на ЕУ и на Балканот биле уапсени 48 македонски државјани што биле вмешани во транспорт на големи количини дрога. Само кај нив биле запленети дури 458 килограми хероин и 6,5 килограми кокаин, вредни неколку милиони евра.

Деталните полициски анализи покажуваат дека во првите девет месеци, споредено со истиот период минатата година, забележано е зголемување на бројот на откриени случаи за една третина, но и на количината на запленета дрога.

Така, годинава во полициското депо завршиле 89,5 килограми хероин, 585 килограми марихуана, 2.493 таблети екстази и илјадници стебла и семки од растението канабис. Во оваа количина не се вклучени и заплените на инспекторите од одделението за организиран криминал, кои во своите акции заплениле уште 85 килограми хероин, а благодарение на нивните информации од Бугарија и од Турција, фатени биле уште двајца македонски шверцери на дрога со 245 килограми хероин.

Полициските искуства покажуваат дека од година во година во Македонија се запленува сé поквалитетна дрога, а тоа особено важи за хероинот, кој доаѓа од Турција.

Според официјалните полициски информации, до септември годинава тие откриле 377 случаи поврзани со трговијата со дрога, во кои кривични пријави биле поднесени против 449 лица, а регистрирани биле нови 179 зависници.

Деталите, пак, покажуваат дека најчести „клиенти“ на полицајците од Одделението за недозволена трговија (ОНТД) се тие од македонска националност и невработените.

Гледано по градови, најголем наркопазар е најголемиот град во земјата - Скопје, каде што полицијата од улиците има тргнато најмногу дрога и дилери. Зад Скопје се Битола, Охрид и Куманово, каде што локалните наркодилери имаат цврсти врски од албанските, односно со турските шверцери на дрога.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk